Во овој период е нормално пчелите да ги намалат и запрат сите свои активности, но во случајов не е така. На околу 20 степени секој ден, пчелите се активни и во ноември, како и нивните непријатели – осите и стршлените. Сето тоа ги исцрпува пчелните семејства, па можни се и натпросечни зимски загуби, предупредуваат од здружението „Агрофаланга“
Климатските промени, кои особено се изразени во овој период, се одразуваат на бројот на пчелни сeмејства, на нивната кондиција и расположение, што резултира со помало производство на мед. Неповолните временски услови во последниве години придонесуваат за големи штети во производството, а со тоа и за финансиски загуби. Пчеларењето денес е во сѐ потешка состојба, поради што, според тие што се занимаваат со него, неопходно е и институциите на државата да дадат поголема поддршка за да се одржи тоа.
Според агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР, високите температури се катастрофа за пчеларството, вегетацијата е замрена, многу малку собираат полен, а без тоа не можат да се размножуваат.
– Проблем ќе биде и презимувањето. Очекуваме големи загуби на пчелни семејства, особено ако зимата биде просечна. Но и потопла да биде, не е гаранција дека ќе опстанат – вели Ангелески.
Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларските здруженија, вели дека последниве пет-шест години се исклучително тешки и негативно влијаат врз состојбите на пчеларството.
– Предизвикувачи на тие состојби се климатските промени, глoбалното затоплување и недоволното инвестирање во пчеларството. Затоа неодамна во Словенија потпишавме декларација со која пчеларските сојузи од државите на Балканот бараат медоносната пчела да се прогласи за загрозена – вели Трајковски.
Тој додава дека ќе иницираат акции за да се продолжи со пошумување, а особено да се интензивира пошумувањето со багрем, кој директно влијаел за зголемени приноси во оваа гранка.
– Екстремните промени на температурите и мешањето на сезоните штетно влијаат врз пчеларството, но и врз комплетното земјоделство во Македонија. Во овој период е нормално пчелите да ги намалат и запрат сите свои активности, но во случајов не е така. На околу 20 степени секој ден, пчелите се активни и во ноември, како и нивните непријатели – осите и стршлените. Сето тоа ги исцрпува пчелните семејства, па можни се и натпросечни зимски загуби – објаснува Љупче Станковски, пчелар и претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“.
Тој посочува дека и минатата година била иста состојбата како и оваа година и имало голем помор на пчелни семејства.
– Заради субвенциите, многу пчелари не ги пријавуваа штетите, но информациите, сепак, доаѓаа до јавноста. Оваа година пчелните семејства се во предност, заради бујното легло што го развија со последните дождови, во август и почетокот на септември, па полесно се справуваат со високите температури и со нивните непријатели – нагласува Станковски.
Тој додава дека намалувањето на бројката на пчелни семејства и влошената клима влијаат и на приносот, па медот во Македонија стана дефицитарен и со повисока цена, што донекаде ги компензира загубите во количеството, но не е трајно и прифатливо решение.
– Одредени трговски маркети увезуваат мед со послаб квалитет и започнуваат да им го подјадуваат потрошувачкиот колач на нашите пчелари. Со зголемувањето на цените, ја загубивме конкурентноста со увозниот мед и, доколку не се огледаме на цените на светската берза и модерното и рентабилно пчеларско производство во светот, не ни се пишува добро. За тоа е потребно да се зголеми бројот на пчелни семејства по пчелар, секој да практикува селидбено пчеларење, да користи квалитетна опрема и на крајот, едноставно, да се професионализира. Само сериозни и добро потковани пчелари можат да се справат со сеопфатната глобализација – смета Станковски.
Како што вели тој, приходите на пчеларите зависат од бројот на кошниците, нивната работоспособност, организираноста во работата и квалитетот на опремата.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство напоменуваат дека оваа гранка е многу значајна за земјоделскиот сектор и дека македонската влада е посветена на нејзиниот развој.
Оттаму посочуваат дека Македонија се одликува со сопствен автохтон род пчели, а бројот на пчелни семејства е проценет на околу 90.000.
– Земајќи ги предвид важноста и бенефицијата од пчеларството, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е силно посветено на развојот на оваа земјоделска гранка. Ќе дадеме силен придонес во процесите на зачувување на пчелите, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка – нагласија од Министерството.
Тие велат дека преку програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Министерството создава институционална поддршка за пчеларството и заштитата на пчелите и за подигнување на јавната свест за улогата на пчелите во зголемувањето на приходите од земјоделството и зачувувањето на животната средина.