Простор за соработка има во секоја дејност од стопанството, имајќи ги предвид меѓусебната близина, познавањето на пазарите и долгогодишната традиција на соработка изразена преку воспоставени стратегиски партнерства

Економската соработка на Македонија со соседните земји и воопшто со земјите од регионот е многу мала, поради што упатените посочуваат дека токму тука има простор за откривање нови пазари каде што нашите компании би ги пласирале своите производи. Во согласност со официјалните статистички податоци за периодот јануари – октомври 2018 година, од земјите од регионот Македонија има најголема соработка со соседната Грција, која во структурата на вкупната трговска размена учествува од 6,4 отсто. Потоа следува Србија со која соработката опфаќа 5,5 проценти, па Бугарија сo 4,8 отсто од вкупната трговска размена на Македонија. Најслаба соработка имаме со Црна Гора, само 0,3 проценти во структурата на вкупната трговска размена, но предвид треба да се има фактот дека во споредбата се земени производните добра, а не услужните дејности, кои се главна карактеристика на оваа земја.

– Трговската соработка со земјите од ЦЕФТА-регионот не е на задоволително ниво. Во просек вкупната трговска соработка на Македонија со овие земји е во опсегот од 9,5 до 11 проценти во изминатите неколку години, наспроти 22-24 отсто од почетокот на спроведувањето на договорот. Како и во секоја отворена пазарна економија процентуалното учество варира од година на година, но при гледањето на извозот наспроти увозот, Македонија е во трговски суфицит со сите земји-членки, освен со Србија, каде што континуирано имаме трговски дефицит. Земјите од Западен Балкан учествуваат во структурата на вкупниот трговски дефицит, во просек од 3,3 отсто годишно – објаснуваат претставниците на Стопанската комора на Македонија.

Од СКМ истакнуваат дека простор за соработка има во секоја дејност од стопанството, имајќи ги предвид меѓусебната близина, познавањето на пазарите и долгогодишната традиција на соработка изразена преку воспоставени стратегиски партнерства.

– Приоритет е производството на разменливи, посебно индустриски стоки, кое кај сите земји од регионов е насочено главно кон европскиот пазар. Но, она што е неопходно за развивање поинтензивна трговска соработка е потребата за заокружување на клучната инфраструктурна мрежа, вклучувајќи ги патната, железничката и енергетската, без кои не може да се гради повисока конкурентска предност – објаснуваат од комората.

Според бизнис-претставниците, сосема е нормално да се очекува раст на домашната економија во услови кога би се зголемил извозот на нашите производи на овие пазари, бидејќи поттикнувањето на растот најмногу треба да се должи на зголемениот извоз и инвестиции. Во таа насока и преку Планот за економски раст, кој почна оваа година, е предвидена посебна мерка за финансиска поддршка на компаниите преку покривање на 20 отсто од инвестициските трошоци за зголемување на конкурентноста на пазарите на Западен Балкан.

– Неоспорно е дека економски јаки соседи се императив за развој на приватниот сектор – тие може да нѐ повлечат напред и да дадат поттик за развој на нашата економија. Токму оваа идеја беше водечка кога со претседателите на другите пет комори од државите на Западен Балкан одлучивме да го формираме Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Ентузијастички пристапивме кон подвигот целиот регион заеднички да се бори на европските пазари и да креираме заеднички простор за трговија и за инвестиции – кажа Бранко Азески, заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум.

Според најавите на СКМ, следната 2019 година заедно со коморите од Западен Балкан, ќе продолжи имплементацијата на активностите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), создаден во рамките на „Берлинскиот процес“. Ќе работат на ефикасно вклучување на македонската бизнис-заедница во процесите за имплементација на проектите за поврзување и економскиот просперитет во регионот.

– Преку проектите на Коморскиот инвестициски форум, ќе се работи на развој на конкурентноста на економиите од регионот со поврзување на бизнис-заедниците од шесте земји, креирање заеднички производи и услуги за подобрување на бизнис-климата во регионот и зголемување на стоковната размена со земјите од Западен Балкан, но и пошироко – додаваат од СКМ.


Договорот за добрососедство – поттик за економска соработка

Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа договор за пријателство, добрососедство и соработка, во кој е предвидено и зајакнување на економската соработка меѓу двете земји. Досега беа остварени неколку средби меѓу премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, при што на последната беше оценето дека соработката меѓу двете држави е зголемена.
– Имплементацијата на сите точки од договорот оди многу добро. Економската соработка никогаш не била подобра. Имаме стабилна трговска размена од над 500 милиони евра, со пораст од 12 проценти во 2018 година и нема да престанеме додека не стигнеме до трговска размена од милијарда евра – изјави премиерот Заев.
Тој нагласи дека го радува интензивирањето на прекуграничната соработка, и додаде дека се работи на отворање на новите заеднички гранични премини Клепало, на потегот Берово – Струмјани, и граничните премини Пехчево – Симитли и Делчево – Невестино.
– Се градат патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8. Првата делница од железничката инфраструктура завршува, во тек е изборот на техничкиот дел на втората делница од железничката инфраструктура. Се работи и на проектна документација за уште едно гасоводно поврзување меѓу Македонија и Бугарија, помеѓу Петрич и Струмица – додаде Заев.