Даночната реформа за мнозинството граѓани ќе значи даночно олеснување, односно од годинава ќе плаќаат помалку даноци од лани, тврди министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој посочи дека со реформата за најголем дел од населението стапката на персоналниот данок ќе остане 10 отсто, а даночното ослободување дури ќе им овозможи да платат помалку, бидејќи ослободувањето е зголемено од 7.500 на 8.000 денари.
– Нашето решение воведува даночно олеснување што значи дека најголем дел од населението ќе остане да плаќа по единствена стапка од 10 отсто, а даночното ослободување дури ќе им овозможи да платат помалку, бидејќи се зголеми ослободувањето од 7.500 на 8.000 денари, или едноставно да кажам нема оптоварување на вработените што работат во фирмите, туку дополнително даночно оптоварување има само за еден процент за лицата со највисок доход – вели Тевдовски.
Министерот за финансии посочува дека со реформата се прави разлика помеѓу доход од труд и доход од капитал, како што се дивиденди на пример.
– Просечната плата во Македонија е 24.000 денари. Дури и во секторот што има највисоки плати, а тоа е ИТ-секторот, платата е околу 1.000 евра, тоа значи дека за мнозинството вработени, вклучувајќи го и ИТ-секторот, тие ќе бидат оданочувани по единствената стапка од 10 отсто, додека даночното ослободување го намалува даночното оптоварување, особено кај најниските плати – посочува Тевдовски.
Тој очекува годинава порастот на економијата да биде посилен, паралелно да имаме корист и од приближувањето до НАТО, бидејќи практиката покажала дека по членството многукратно се зголемуваат странските директни инвестиции. Е.Р.