Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека македонската економија оди во добра насока и очекува сериозен пресврт и нејзино раздвижување годинава.

Тој во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека на почетокот на годинава има показатели кои укажуваат дека економијата оди во добра насока.
 
–  Во јануари и февруари годинава во споредба со претходната година, индустриското производство расте за 5,6 проценти. Има сериозен раст на извозот околу 24 проценти. Кредитната активност во првите месеци е исто така раздвижена и висока, вклучително и кај компаниите што е позитивно, бидејќи во изминатиот период главно беше кај домаќинствата. И платите во Македонија започнаа вистински да растат, со раст од 5,6 проценти на годишна основа, што ја зголеми просечната плата за 1.250 денари и за првпат имаме просечна плата над 24.000 денари. Ова се први сигнали дека македонската економија оди во добра насока, после 2017 година каде имавме ноќ и ден – една половина од годината со економски пад, потоа започна да се движи позитивно економијата. Сега, 2018 година може да се очекува да биде сериозен пресврт и економијата ќе продолжи да се движи во добра насока – истакнува Тевдовски.

Според него, стимул за раст на економијата ќе биде и безусловната препорака на Европската комисија за почеток за преговорите за членство.

– Тоа е многу важно, бидејќи по сите теории економијата ја движат очекувањата на економските агенти. Тоа значи дека ваков силен сигнал, како добивање на безусловна препорака и пораката на Могерини дека Македонија е повторно на вистинската патека, сето тоа ќе ги раздвижи очекувањата и ќе фирмите и компаниите ќе преземат активности кои ќе водат напред. Тоа што се враќаме на вистинска патека во евроинтеграциите е показател за инвеститорите дека е безбедно и дека може повеќе да инвестираат. Тоа значи дека во Македонија годинава и годините кои ќе следат, може да се очекува и зголемување на инвестициите со движењето кон евроаталснките процеси, бидејќи сите земји во регионот кои се движеа во таа насока тоа го остварија – вели Тевдовски.

Тој додава дека се потребни повеќе реформи за економијата да оди напред и посочува дека се преземаат голем број активности за што поголема транспарентост.

– ММФ и Светска банка тоа го поздравуваат. Министерството за финансии презема многу мерки од објавување на граѓански буџети, објавување на досега необјавени податоци, барање сите институции договорите од јавни набавки да ги објавуваат на веб страните. Сето тоа е во насока на фискална транспарентност. Фискалната транспарентност значи дека јавноста прави притисок, парите од граѓаните да се трошат во вистинска насока – истакна Тевдовски.

Во следните 12 месеци, Тевдовски очекува да заврши првиот сериозен бран на реформи, повеќе инвестиции како резултат на напредокот во евроатланските интеграции, како и раздвижување на економската состојба во или над нејзиниот потенцијал на економски раст.