Бидејќи загревањето е еден од најпроблематичните сегменти во поглед на загадувањето, ова е уште еден сигнал, покрај намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти, за раст на интересот за парно греење. Очекуваме да се намалат трошоците за приклучување за инвеститорите што градат нови згради и да нема повеќе ситуации кога нова зграда што се гради во близина на цевка што обезбедува парно греење нема парно, истакна претседателот на РКЕ
Намалувањето на цената за приклучок на новите станбени објекти на топлинска енергија, очекувањата за помасовно користење на оваа услуга, справувањето на енергетските компании со корона-кризата, како и придобивките од ширењето на гасоводната мрежа и нов приклучок за дистрибуција на гас се дел од темите за кои разговаравме со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.
Донесовте измени со кои се намалува приклучокот за парно за 37 отсто. Дали очекувате да продолжи трендот на приклучоци на градско парно?
– Од 3.185 денари на 2.000 денари е намалена цената на надоместокот за приклучок по инсталиран киловат енергија, и со тоа очекуваме да има поголем интерес. Дадовме сигнал до инвеститорите да се приклучуваат на системот за парно греење што е активен во градот Скопје и кој е најевтин и најеколошки од сите расположливи методи на загревање на домовите. Бидејќи загревањето е еден од најпроблематичните сегменти во поглед на загадувањето, ова е уште еден сигнал, покрај намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти, за раст на интересот за парно греење. Очекуваме да се намалат трошоците за приклучување за инвеститорите што градат нови згради и да нема повеќе ситуации кога нова зграда што се гради во близина на цевка што обезбедува парно греење нема парно. Важно е да имаме повеќе потрошувачи за да се намалат цените.
Во годишниот извештај за 2019 има тренд на зголемување на бројот на потрошувачите на парно, во исто време се чека да се развие дистрибутивната мрежа на гас во градовите. Каква е стратегијата, дали ќе си конкурираат градското парно и гасот?
– Не смее да има конкуренција меѓу градското греење и гасот. Според анализите што ги имаме, најдобар начин за греење е пред сѐ зградите да си останат на парно, бидејќи ако преминат на природен гас, ќе биде неопходно целосно да се менува инфраструктурата на зградите и притоа ќе треба да менува и техничката опрема што работи на гас, а сето тоа би чинело многу, па затоа дадовме предлог секаде во државата да се мапира и да се знае кој реон на што ќе се грее. Дополнително, нашето производство на топлинска енергија користи исклучиво природен гас, што значи овие домаќинства се греат на гас. Сметам дека гасот треба да се шири во населби каде што нема топловоден систем.
Добро е што е распишан тендер за избор на стратегиски инвеститор за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас, а една од поентите што треба да се остварат е да имаме ниска цена за приклучок на мрежата, особено на куќите. Исто така инвеститорот треба да обезбеди средства за да можат домаќинствата да си ги заменат уредите, но да им се даде рок од две, три или четири години да му плаќаат на рати. Доколку една куќа се приклучува на природен гас, треба да направи парно на природен гас, да ги замени постојните елементи во домаќинството, да направи инфраструктура до објектот и во самиот дом, бидејќи дистрибутивниот систем ќе биде направен до дворовите, внатре сами треба да градат и тоа ќе чини многу, па ќе им биде потребна поддршка од инвеститорот. Целта е секаде каде што може да се замени греењето од дрва на гас, но и од струја на гас, бидејќи нашето производство на струја е од јаглен, па со масовно користење на гасот ќе се намали и производството на електрична енергија од јаглен, а со тоа и загадувањето во околината на Битола. Поентата е да се преземаат мерки за греењето да се префрла на организираниот систем на парно или, пак, на природен гас.
Сметате ли дека ќе има интерес за користење на гасот низ целата земја?
– Апсолутно да, особено ако приклучокот за гасот има ниска цена, како на пример во Турција, каде што истиот тој чини само 100 евра. Во нашата земја приклучок на дистрибутивна мрежа чини 800 евра, но општините каде што го има гасот даваат субвенции во висина од 300 евра, па реално корисниците ги чини 500 евра.
Неодамна предложивте измени во Законот за градба, со кои барате да се интервенира во дозволите за градба во кои ќе биде дефинирано како ќе се греат новите објекти.
Што очекувате од тоа?
– Поентата е во секоја општина однапред да се знае, односно да биде мапирана одредена област на кој енергент ќе се грее. На тој начин се стремиме кон поголем број потрошувачи, а со тоа кон пониска цена. Во деловите каде што нема услови за природен гас, објектите ќе се греат во зависност од можностите, но каде што има такви можности, тогаш треба да се приклучат на гас. Со оваа измена им се олеснува и на операторите на мрежата, бидејќи однапред знаат каде треба да инвестираат и во еден зафат ќе ја прават инсталацијата, без дополнителни прекопувања на улиците. Со измената на законот, во самата дозвола за градба, како што пишува колку во висина ќе се гради објектот, ќе пишува и како ќе се грее истиот тој.
Како претседател на регулаторно тело, можете да ни дадете коментар што ќе донесе спојувањето на „Га-Ма“ и НЕР за земјава?
– Од информациите што ги имам, овој спор е решен преку медијација во енергетската заедница, а пари од буџетот се обезбедени и се префрлени на сметката на НЕР, што значи дека се препознава јасна политичка волја во Владата за надминување на спорот, останува само уште формата како ќе се направи трансферот. Со ова се отвора можност државата да се снабдува со гас од уште едно место. Сега добивавме гас само од Русија, преку гасоводот од Бугарија, и немаме конкуренција. Во Бугарија кога добија гас од Турски тек, и од терминалите од Грција, цената на гасот драстично им се намали. Кога ќе има конкуренција, ќе имаме и пониска цена. Дополнително, со новата врска што се прави со Грција, каде што ние се приклучуваме на Азербејџански гас, важно е дека ќе станеме транзитна земја, бидејќи гасот ќе продолжи и во Косово, што е веќе договорено, а ние дополнително можеме да добиеме пониска цена.
РКЕ прва реагираше да нема исклучување поради неплатени сметки на струја, вода и парно поради пандемијата, а договоривте и плаќање на рати за најзагрозените.
Какви се ефектите?
– Покрај договорот да не се исклучуваат лица што нема да ги платат сметките за струја поради состојбата со пандемијата, успеавме да договориме и за месеците март, април и мај граѓаните да можат сметките да ги плаќаат на рати. Оваа можност им се дава на граѓани што се погодени од кризата, кои ќе покажат дека имаат проблем со финансиите, да можат да платат на рати без камати. Да не им се пресметува камата и, според информациите од компаниите, тоа веќе функционира… Добро е што во првиот критичен период од ширењето на вирусот пензионерите беа одговорни и редовно ги намируваа трошоците и дадоа сигнал до сите во државава како треба да се однесуваме во вонредна состојба.
Сметам дека енергетските компании добро реагираа во изминатиов период, успеаја да се организираат соодветно, беа поделени да не се мешаат, бидејќи имаше опасност ако еден од вработените се разболи, сите да останат дома, но успеаја добро да го изменаџираат процесот. Благодарение на добрата организација, имавме сигурно снабдување со електрична енергија и производството ни е стабилно и во рамките на очекуваното.
Во јуни во Атина закажан е самитот на Енергетската заедница, на кој ќе претседавате на состанокот со вашите колеги од регионот, кои се енергетските предизвици на регионот?
– Главна тема ќе бидат тековните случувања со пандемијата, да бидеме усогласени сите регулаторни тела во регионот, иако генерално веќе сме усогласени. Се обидуваме на регионално ниво да извлечеме поуки од ова што ни се случува, за во иднина да бидеме подготвени за следните предизвици. Особено внимание ќе обрнеме на понудата и побарувачката на пазарот, оти се покажа дека еден заеднички регионален пазар ги намалува трошоците на сите системи. Обврските што ги имаме за резерви во системот, еден трошок е ако секоја држава обезбедува резерви сама за себе, а помал кога три-четири држави го прават тоа заеднички.
Исто така, верувам дека ќе бидеме прва земја во регионот што ќе направи спојување на организираниот пазар со електрична енергија со Бугарија, а потоа очекувам да се приклучат и Црна Гора и Косово и Албанија. Нам ни е битно да имаме заеднички организиран пазар, или заедничка берза, која ќе функционира прво во двете земји, а понатаму и во преостанатите, бидејќи Бугарија е најголем извозник на струја. Ние најмногу увезуваме од Бугарија и од најголем интерес ни е да го направиме првото поврзување со нив. Очекуваме интерес да покаже и Италија, како земја увозник на електрична енергија и како земја што поддржа многу инвестиции за поврзување со регионот, прво изградија кабел под морето кон Црна Гора, а сега градат и кон Албанија.