Претседавањето доаѓа во момент на започнувањето со имплементацијата на Акцискиот план на заедничкиот регионален пазар, кој беше усвоен во Софија во ноември 2020 година и во чија реализација учествуваат ЦЕФТА и Регионалниот совет за соработка
Слободното движење на капиталот, стоките и услугите, отстранувањето на пречките во трговијата со истите тие, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите и институционалниот развој на ЦЕФТА-структурите ќе бидат приоритетите на македонското претседавање со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година, порача министерот за економија Крешник Бектеши. Тој дополни дека примената на ЦЕФТА-договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на заедничкиот регионален пазар 2021-2024 ќе бидат основите за претседавањето.
– Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоките, капиталот, услугите и луѓето меѓу земјите на ЦЕФТА, за да се овозможат просперитет и благосостојба за сите граѓани. Активност што ја наметна пандемијата е продолжување на функционирањето на зелените коридори за полесно транзитирање на стоките низ регионот, како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ-земји – рече Бектеши на вчерашната прес-конференција.
Министерот појасни дека во делот на олеснувањето на трговијата со стоки, Владата ќе се фокусира на заемното признавање на трговските документи, поедноставувањето и усогласувањето на процедурите и понатамошното усогласување со регулативата и стандардите на ЕУ.
– Притоа нашите активности ќе бидат насочени кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА-страна во врска со елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за заемно признавање на овластените економски оператори и друго – посочи Бектеши.
Еден од приоритетите на претседавањето, како што додаде, ќе биде и спроведување на водичот за електронска трговија на ЦЕФТА, насочен кон поставување рамка за регулаторно олеснување на дигиталната трговија.
Евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека економскиот инвестициски план што беше презентиран меѓу ЦЕФТА и ЕУ има за цел подобро меѓусебно интегрирање на земјите од Западен Балкан, како и со Унијата, и додаде дека претседавањето на Македонија со ЦЕФТА дава можност за значаен напредок во многу области.
– Градењето на заедничкиот пазар за 18 милиони луѓе е пресвртница за Западен Балкан за да се интегрира уште повеќе во заедничкиот пазар на ЕУ уште пред самото интегрирање во Европската Унија – рече евроамбасадорот.
Македонија во 2021 година претседава со Централноевропскиот договор за слободна трговија – ЦЕФТА 2006. Претседавањето доаѓа во момент на започнувањето со имплементацијата на Акцискиот план на заедничкиот регионален пазар, кој беше усвоен во Софија во ноември 2020 година и во чија реализација учествуваат ЦЕФТА и Регионалниот совет за соработка.