Од Владата посочуваат дека со оглед на фактот дека консултациите за новиот закон за работни односи се во тек и имајќи ги предвид меѓународните искуства, на можноста недела да биде ден на неделен одмор ќе ѝ се посвети особено внимание од страна на сите страни вклучени во процесот
Подобрување на благосостојбата на работниците и поттикнување на нивната мотивираност за работа, како и раст на продуктивноста ќе донесат слободните денови за работниците. Ова го посочуваат социолозите, кои истакнуваат дека денот недела е од големо значење, бидејќи ќе можат да го поминат со семејството и на тој начин да се релаксираат, како од секојдневните работни обврски, така и од непријатното чувство на загриженост, кое е сѐ поприсутно поради ширењето на пандемијата.
Во изминативе месеци зачестија кампањите низ голем број држави, но и носењето законски одредби, кои наложуваат денот недела да биде неработен за поголем дел од работниците, со посебен осврт на секторот трговија. Во Македонија, во согласност со постојниот Закон за работни односи, ден на неделен одмор е недела или некој друг ден во неделата, поради што голем број продавници, маркети, трговски центри, бензински пумпи и многу други типови малопродажни објекти работат секој ден. Сепак, постојат сектори, како полиција, војска, здравство, транспорт и други области каде што е неизбежно да се работи и во текот на викенд-деновите.
– Утврдувањето на денот недела за неработен ден е многу добра идеја од социолошки аспект, бидејќи ќе влијае позитивно врз здравјето на работниците. Дополнително би посочил дека во развиените земји со години ништо не работи во недела. Сум живеел во една од европските земји и имав можност да увидам дека граѓаните во недела му се посветени на семејството, имаат ден за релаксација. Тоа е многу добра идеја, која треба да се реализира. Од социолошки аспект тоа е многу добра идеја, многу добар издувен вентил, особено во вакви ситуации, кога покрај многубројните работни обврски, дополнително нѐ притиска загриженоста поради пандемијата. Доколку секоја недела граѓаните се дома со своите семејства, тоа значително ќе влијае врз нивното здравје, врз мирот и среќата и сето тоа позитивно ќе влијае врз здравјето на работниците. Со слободна недела, луѓето ќе бидат упатени кон семејството, кон најблиските, ќе можат повеќе да се социјализираат, да се дружат со пријатели и роднините – објаснува социологот Илија Ацевски.
Здравствени придобивки
Тој истакнува дека ваквото решение ќе биде голема придобивка за вработените во трговијата, кои сега на некој начин се злоупотребени, бидејќи работат секој ден во неделата и во недела…
– Јас сум сигурен дека трговците нема да имаат големи загуби ако не работат во недела, бидејќи тој што има потреба од одреден прехранбен производ ќе мора да го купи, па ќе појде ден порано и ќе ги направи набавките што му се потребни, а придобивките со еден неработен ден во неделата за граѓаните ќе бидат огромни – дополнува Ацевски.
Претставниците на Конфедерацијата на слободните синдикати (КСС) посочуваат дека на темата за слободна недела честопати е дискутирано и со работниците и со работодавците.
– Ние бараме да не се нарушуваат семејните вредности и комодитетот во семејството, бидејќи најчесто едниот брачен другар доколку работи во недела и слободен ден има во текот на неделата, не можат брачните другари да се видат и да бидат во сплотена заедница. Потребно е брачните другари да бидат слободни за време на викендите, пред сѐ, поради македонската традиција и добрата психолошка состојба, да се користи заедничко време за семеен ручек, заеднички ги воспитуваат своите деца итн. Од друга страна, одредени сектори, како транспорт, здравство, полиција и други не е возможно да не работат во недела – објаснуваат од КСС.
Во недела на работа доброволно
Од оваа синдикална организација посочуваат дека остануваат отворени прашањето и проблемот со трговијата, каде што многу работници работат и во недела. Додаваат дека иако како синдикат сметаат дека треба да се донесе закон неделата да биде неработен ден, сепак, посочуваат дека низ дебатите се постигнува договор во недела да се работи доброволно и притоа работниците да бидат дополнително платени.
– Факти изнесени од работодавците на одредени молови, трговски центри, бензински пумпи, кои се наоѓаат на коридорите, покажуваат дека во недела имаат профити со кои ги покриваат преостанатите денови од неделата, бидејќи тој ден имаат поголема фреквенција на потрошувачи. Секако, од тој профит корист има и државата, од даноците. Низ дебатите, секогаш се доаѓало до заклучок дека работниците во секторот трговија треба да работат во недела доброволно, но нивната дневница да биде двојно повисока од основната што ја примаат во текот на другите денови, а со тоа да бидат исплатени соодветни повисоки даноци – појаснуваат од КСС. Оттаму додаваат дека со ваквите заклучоци се согласуваат поголемиот број од работодавците и додаваат дека со овие мерки ќе се постигне договор со што се задоволни и работниците, кои ќе одлучат дали ќе бидат со своите семејства или ќе работат во недела, како и трговците бидејќи непречено ќе се одвива работниот ден поради зголемена побарувачка на пазарот во тој ден.
Претставниците на Владата на Македонија посочуваат дека „новиот закон за работни односи е во подготовка веќе подолг временски период поради намерата да се донесе закон, кој во најголема мера ќе одговара на сите засегнати страни“. Додаваат дека за истиот тој е потребен широк процес на консултации, каде што се обидуваат да ги вклучат сите аргументирани и издржани предлози, без разлика дали доаѓаат од синдикатите, организациите на работодавци, судиите, невладиниот сектор и научната јавност.
– Се работи за усогласување на различните ставови, а крајните решенија сепак ќе треба да бидат во согласност со европската легислатива и меѓународните трудови стандарди. Во актуелниот Закон за работни односи е предвидено дека ден на неделен одмор по правило е недела или некој друг ден. Ова значи дека ден на неделен одмор не е само недела, туку во зависност од потребите на работниот процес, тоа може да биде и кој било друг ден. Меѓутоа, со години, и покрај тенденцијата на немање рестрикции во утврдувањето на денот на неделен одмор, во многу земји постои тренд неделата да биде ден во кој нема да има речиси никаква комерцијална активност. Ова е поткрепено со фактот дека и покрај различните религиозни, културни и етнички разлики, сепак, училиштата и јавните институции не работат во недела, што на луѓето им овозможува во ист ден да бидат заедно со своите семејства, пријатели и познаници. Ова придонесува за баланс меѓу работата и приватниот живот и на работниците и на работодавците – посочуваат од Владата на РСМ.
Одредени технолошки процеси не може да се стопираат
Оттаму додаваат дека во многу европски држави, како што се Австрија, Белгија, Швајцарија, Германија и Норвешка, недела е неработен ден речиси за сите правни субјекти. Сепак, посочуваат дека со оглед на фактот дека консултациите за новиот закон за работни односи сѐ уште се во тек и имајќи ги предвид меѓународните искуства по ова прашање, на можноста недела да е ден на неделен одмор ќе ѝ се посвети особено внимание од страна на сите страни вклучени во процесот.
Работодавците истакнуваат дека недела не може да биде неработен ден за сите работници бидејќи одредени дејности не можат да бидат стопирани, одредени технолошки процеси бараат континуитет, па затоа сметаат дека треба да се остави на дејностите во зависност од технолошките процеси сами да го уредат тоа со колективните договори и договорите на ниво на работодавец.
– Во постојниот закон е утврдено работниците да имаат еден слободен ден во текот на седмицата, не мора недела како ден да биде неработен ден. Може да бидат понеделник, вторник, среда, ако така се договориле работодавецот и работникот. Исто така е предвидено да се плаќаат дополнителни проценти за работа во недела и на празник, а дали се почитува тоа, треба да се праша инспекторатот. Ние како асоцијација сме се обврзале да ги почитуваме правата на работниците и другите корпоративни права, а ако дел од работодавците не го почитуваат тоа, треба да бидат санкционирани – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.