МЗШВ започнува проект со кој ќе се заштити пазарот на земјоделски производи од нарушувања предизвикани од флуктуации на цените и од нелојалната конкуренција со која секојдневно се соочуваат земјоделците
Поврзување на земјоделците и откупувачите, поттикнување на договорното производство преку склучување договори со кои земјоделците ќе бидат сигурни во откупот и во цените на своите производи, а откупувачите во набавката на производите што им се потребни се очекуваните ефекти од новиот проект „Воведување и спроведување на мерките за заедничко уредување на пазарите“, кој го започнува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Проектот ќе се спроведува во рамките на Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската Унија, чини 700 илјади евра и е насочен кон целите и политиките што се во фокус на Министерството за 2019 година.
– Овој проект го гледам како едно силно дополнување во вистинско време, поради тоа што се работи за регулирањето на пазарите на овошје и зеленчук што се одбрани од самиот проект. Ќе имаме целосно поврзување на синџирот, од производители до преработувачка индустрија. Ќе има многу активности во текот на годината што ќе се реализираат преку овој проект, чија главна цел е регулација, и хоризонтална и вертикална, на пазарите. Убеден сум дека овој проект и целите што се поставени ќе дадат соодветен резултат по однос на приоритетните земјоделски култури што се значајни за нас и за нивното целосно производство до преработка и извоз – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на вчерашната промоција на проектот, во присуство на претставниците од Европската Унија.
Тој додаде дека земјата посветено работи на евроинтегративните процеси, а претстојниот скрининг-процес го оцени како историски значаен момент за земјата.
Преку овој проект, како што објаснуваат од Министерството, ќе биде поддржан и финансиран приватниот сектор, поточно оние што ќе сакаат, на пример, да подигнат преработувачки капацитети во делот на решавањето на проблемот со јаболката, или ќе сакаат да направат сушилница за сливи или други капацитети што ќе бидат оценети како приоритетни. Инаку, во Програмата за рурален развој во 2019 година, МЗШВ издвои четири милиони евра што ќе бидат насочени кон преработувачката индустрија, односно проектите што се однесуваат на пласманот и на решавањето на вишокот земјоделски производи.
Вивре Вимпари, шефица на оперативниот оддел на делегацијата на ЕУ, истакна дека со имплементација на овие предлог-политики ќе се стабилизира пазарот. Таа додаде дека овој проект ќе го трасира и ќе го покаже патот како да се приспособат и усогласат стандардите и законите со европските регулативи.
Со проектот ќе се поврзат земјоделците со откупувачите и ќе се поттикне договорното производство преку склучување цврсти договори, со кои земјоделците ќе бидат сигурни во откупот и цените, а откупувачите во производите што им се потребни. На овој начин ќе се заштити пазарот на земјоделски производи од нарушувања предизвикани од флуктуации на цените и од нелојалната конкуренција со која секојдневно се соочуваат земјоделците.