Од земјите во регионот, најголем раст на БДП оваа година Светската банка проектирала за Црна Гора, чие БДП треба да се зголеми за 10,8 отсто, потоа Албанија 7,2 отсто, Косово 7,1 отсто, Србија 6 отсто, а Босна и Херцеговина 4 отсто
Македонската економија годинава ќе забележи раст од 4,6 отсто, додека во наредната се предвидува растот на БДП да изнесува 3,7 отсто, а во 2023 година 3,4 отсто, беше истакнато на презентацијата на полугодишниот извештај на Светската банка за земјите од Западен Балкан. Во однос на инфлацијата, од Светската банка (СБ) посочија дека таа годинава во земјава ќе изнесува 2,4 отсто, но очекуваат наредната година да се намали.
Од земјите во регионот, најголем раст на БДП оваа година Светската банка проектирала за Црна Гора, чие БДП треба да се зголеми за 10,8 отсто, потоа Албанија 7,2 отсто, Косово 7,1 отсто, Србија 6 отсто, а Босна и Херцеговина 4 отсто. Просекот за земјите од Западен Балкан годинава е раст од 5,9 отсто, во 2022 година се предвидува раст на БДП од 4,1 отсто, а во 2023 година 3,8 отсто.
Како што истакна директорот на СБ за Македонија, Масимилијано Паолучи, извештајот го потврдува трендот на силно закрепнување на економиите од земјите од Западен Балкан, што се должи меѓу другото на отворањето и на вакцинирањето. Тој дополни дека економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, ќе се вратат на нивото пред пандемијата до крајот на годинава. Сепак тој нагласи дека силниот раст сѐ уште не се одразува на пазарот на трудот, но и дека подобрување може да се забележи во некои од земјите, како во Србија и во Македонија, но состојбите сѐ уште се нестабилни со оглед на неизвесностите околу пандемијата.
– За Северна Македонија ова се пресликува во проекција за раст од 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции. Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици, како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат – вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светската банка во Северна Македонија и Косово.
Тој посочи дека закрепнувањето и понатаму е кревко и дека раните знаци за предупредување доаѓаат од пазарот на трудот. Според него, загубата на работни места од рецесијата непропорционално ги погоди жените и младите, што може и да ги врати назад напорите на регионот за зголемување на долгорочно ниските стапки на учество во работната сила. Паолучи дополни дека невработеноста на младите е зголемена на 37,7 проценти во 2021 година, што е 5,4 процентни поени повеќе од јуни 2020 година, со што се влошиле перспективите за вработување на младите.
– Како што ќе се соочуваат со постпандемиската иднина земјите на Западен Балкан, нивниот пристап кон политиките треба да биде фокусиран кон справување со клучните пречки за создавање работни места и економска трансформација, вклучувајќи ја и зелената транзиција. Сите шест земји би имале корист од реформите на деловното опкружување, управувањето и дигитализацијата, кои би можеле да придонесат за раст и за затворање на јазот со земјите на ЕУ – изјави Линда ван Гелдер, регионална директорка на Светската банка за Западен Балкан.
Во извештајот се разгледуваат и макрофискалните предизвици и двигателите за зелен раст во регионот. Беше потенцирано дека земјите од Западен Балкан сега се наоѓаат во еден клучен одлучувачки момент во однос на неизбежната зелена транзиција. Од Светската банка велат дека е потребно јавните финансии да се вратат на патеката на одржливост, за што ќе придонесат подобра наплата на даноците, намалување на трошоците на јавните организации, подобро управување на претпријатијата во државна сопственост.
Во однос на препораките за човековиот капитал, беше истакнато дека е потребно да се надоместат изгубените години за време на пандемијата во процесот на учење, а кога состојбата ќе се стабилизира, потребно е напорите да се насочат кон преквалификација на луѓето што се од дејностите врз кои последиците од пандемијата се трајни. Во овој контекст беше нагласена потребата од дигитализација и развој на дигиталните вештини.