Последната седница на Економскиот совет на Владата покажа дека почнува приближувањето на ставовите меѓу јавниот и приватниот сектор, што е добро, но изостанува брза и прецизна анализа на финансиски аспект на мерките за заштита од коронавирусот, посочуваат стопанствениците
Секојдневно, почнувајќи од веста за првиот пациент заболен од коронавирусот во земјава, а особено по воведувањето на вонредната состојба и затворањето на границите, бизнис-заедницата алармира за влошените економски состојби. Но и претходно, уште од прогласувањето на епидемијата во Кина, некои македонски компании, особено оние што соработуваат со кинески компании и кои очекуваа испорака на материјали, укажуваа дека имаат тешкотии во извршувањето на задачите. Денес веќе е значително влошена состојбата и голем број компании се соочуваат со тешкотии во набавката на репроматеријали, во испораката на договорените нарачки, но и во наплатата на сработеното. Стопанските комори, здруженијата на еснафските дејности постојано алармираат дека се неопходни мерки за спас на економијата и за задржување на работниците на нивните работни места. Досега од мерките што ги најави Владата, единствено на компаниите од дејностите угостителство, туризам и транспорт, на располагање им се бескаматните кредити, иако речиси нема сектор што не излезе со барање за поддршка од државата.
– Последната седница на Економскиот совет на Владата покажа дека почнува приближувањето на ставовите меѓу јавниот и приватниот сектор, што е добро, но изостанува брза и прецизна анализа за финансиски аспект на мерките, чии принципи се утврдени на првата седница на Економскиот совет. Бидејќи на добрите познавачи им е јасно дека ресурсите за анализа и за процена се сконцентрирани во Народната банка и во Министерството за финансии, тогаш е јасно дека тие мора да се стават стопроцентно во погон. Без нивните анализи, сите дискусии ќе бидат како во Хајд парк во Лондон, а не како основа за донесување правилни мерки. Конечно, на таков начин, професионализмот, стручноста и знаењето ќе дојдат до израз – објасни првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Универзитетскиот професор Трајко Славески посочува дека не постои прецизна методологија за мерење на економските штети и дека сѐ зависи колку ќе трае потребата од „социјално раздалечување“ за забавување на ширењето на новиот коронавирус. Според него, државата несериозно ја сфатила заканата од коронавирусот и задоцнето почнала на реагира за ублажување на економските последици што ќе ги претрпи Македонија.
– Економските ресори во првите два месеца од годината реализирале 25 отсто од предвидениот буџетски дефицит за цела 2020 година, и не се размислува за каков било план за пресретнување на ударите од кризата.
Од досегашните искуства со епидемии, може да се заклучи дека здравствената криза и економската рецесија се меѓусебно поврзани. Економската рецесија може да биде остра и долготрајна, особено ако не биде пресретната со брзи, навремени и робусни мерки од страна на надлежните владини институции. Помошта треба да биде насочена кон сите што трпат штети. Следуваат компани чиј извоз замира, секнуваат нарачките, привремено прекинуваат поради прекинот во глобалните синџири и тешкотиите во меѓународниот транспорт – истакнува Славески.
Тој смета дека од средината на јуни ќе се нормализира животот на европскиот континент, на Балканот и во Македонија, со што ќе се отворат можности за обнова на економската активност.
– Постепено ќе се обновуваат синџирите за снабдување на нашите капацитети во сите индустрии и полека ќе заживее угостителството, но не и туристичката дејност. Ценам дека загубата во БДП би била по 1 отсто месечно, со продолжена забавена активност во наредните неколку месеци, што сѐ заедно би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3-4 отсто пад на БДП, при оптимистичко сценарио, и некаде помеѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио – заклучува професорот.
Вчера со свои барања за надминување на тешкотиите во секојдневното работење излегоа и занаетчиите, кои очекуваат мерките за поддршка на бизнис-секторот да важат и за нив.
– Кризата во овој сектор се чувствува од првиот ден. Без помош од државата по намалената побарувачка на услугите поради пандемијата, се доведува во прашање опстојувањето на бизнисите и работните места на 5.800 занаетчии и 3.300 други вработени во оваа дејност – апелира претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Никола Петров.