Фото: Нова Македонија / Илустрација

Инвестирањето во бизниси е сѐ уште многу ниско, потребно е државата да го препознае тој потенцијал и преку стимулативни мерки да ги поттикне примателите да ги користат парите од странство за отворање некој мал бизнис, за да ја осигурат сопствената самоодржливост

Во дијаспората, иселениците и воопшто во нашите граѓани што живеат во соседството, регионот и пошироко „се крие“ голем економски потенцијал за татковината. Ваквиот факт им е познат и на многумина од други земји за нивните иселеници, па бараат начини за привлекување на нивните пари заради инвестиции. На пример, некои тоа го прават и со издавање обврзници за дијаспората. За жал, во Македонија, пак, парите од сонародниците главно се користат за тековна потрошувачка, а не за инвестиции. Македонската дијаспора има големо влијание врз македонската економија, а потенцијалите што таа ги има се огромни, но недоволно искористени. Во случајот со дијаспората, најчесто станува збор за приливи на одредени средства, но без посебна инвестициска стратегија. Тие се користат за алиментирање на секојдневните потреби, а уште помалку се користи можноста за искористување на човечките потенцијали што ги нуди дијаспората.
Парите што пристигнуваат од странство најмногу се трошат на секојдневна потрошувачка. Универзитетскиот професор Марјан Петрески неодамна за „Нова Македонија“ потврди дека повеќето од дознаките се трошат токму за алиментирање на секојдневните потреби на домаќинствата.
– Има и употреба за луксузни трошења, како автомобили или станови, како и за свадби и за други семејни настани. Инвестирањето во бизниси е сѐ уште ниско, многу малку што примаат дознаки ги искористиле парите за некој микробизнис. Токму тука ја гледам улогата на државата, која треба преку стимулативни мерки да ги поттикне примателите да ги користат парите од странство и за отворање некој мал бизнис, за да ја осигурат сопствената самоодржливост – посочува Петрески.

Фото: Дарко Андоновски

Според него, тоа инвестирање е важно за во случај да се намали или прекине приливот на дознаки во семејството.
– Во текот на кризата дознаките се покажаа многу жилави, веројатно затоа што голем дел од нив доаѓа од земји што не беа значајно зафатени од кризата, како Швајцарија, Австралија, Канада, па и Германија и САД. Оттука, на краток рок, не очекувам некои позначајни промени во износот на дознаки. Сепак, на среден рок, можно е дознаките да се намалуваат, од две причини. Прво, со текот на времето, врските помеѓу испраќачите и примателите се оддалечуваат, што е природен тек и второ, сведоци сме на иселувања на цели фамилии од Македонија, кои нема да има кому да праќаат пари или тоа ќе го прават ретко на поширокото семејство – појаснува Петрески.
Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, вели дека трансферите по основа на дознаки се зголемуваат или се намалуваат во зависност од вкупната економска состојба, односно дали економијата е во криза или не и во зависност од висината на каматните стапки.
– Така, на пример, беше во времето на засилена економска криза, како во периодот од 2008 до 2010 година, кога обемот на дознаките од странство во Македонија се зголемуваше. Тука улога играше и намалувањето на каматните стапки во западните земји, во последните неколку години, што предизвика многумина дел од своите средства да ги депонираат во Македонија, каде што каматните стапки се повисоки од стапките во земјите каде што живеат – истакна Неновски.

На последното истражување на „Македонија 2025“ за инвеститорите од дијаспората, 77 отсто од испитаниците би ја препорачале Македонија како добра дестинација за инвестирање. Меѓутоа, инвеститорите од дијаспората, според истражувањето, се соочуваат со многу тешкотии во отворањето и во водењето бизнис во земјата. Над 55 отсто од инвеститорите од дијаспората се соочиле со проблеми при отворањето бизнис во Македонија. Меѓу проблемите на кои наидувале се вбројуваат неуслужливите владини агенции (36 отсто од испитаниците), преобемната документација (27 отсто), предолгиот период на разгледување на предметите (18 отсто) и големиот број општи барања (18 отсто).
Како што истакна поранешниот гувернер на Народна банка на РМ, Љубе Трпески, државата треба да го искористи потенцијалот од дијаспората и да ги активира иселениците да вложуваат во инвестиции.
– На таков начин може да се осигуриме дека при ненадеен прекин на дознаките нема да се соочиме со нагло зголемување на сиромаштијата и колапс на социјалата – вели Трпевски.
Експертите објаснуваат дека дознаките имаат позитивно влијание врз економијата. На макрониво го стабилизираат платниот биланс, бидејќи честопати се користат за затворање на големите трговски дефицити, и со тоа ја чуваат макроекономската стабилност. На микрониво, пак, влијаат врз сиромаштијата, образованието, здравството и врз распределбата на доходот.