За да го достигне Македонија нивото од Западен Балкан, потребно е стабилизирање на вкупната општествена состојба во земјата, вршење силни институционални реформи и поттикнување на капиталните инвестиции, иновативноста и претприемаштвото
Домашните и странските институции ги намалуваат проекциите за економскиот пораст на Македонија за оваа година, а до подобрување на порастот, според нив, може да дојде само со стабилизирање на политичката клима во земјава. Светска банка прогнозира дека годинава ќе се заврши со 2,5 отсто, додека ММФ со 1,6 отсто раст, наспроти проекциите на Владата на Македонија за раст од 3,2 отсто. Претходната процена на ММФ за порастот на македонската економија беше 2,8 отсто. ММФ за наредната година прогнозира дека БДП на Македонија ќе порасне за 2,6 отсто, а до 2023 година ќе има годишен раст од 3,4 отсто.
Од земјите во регионот годинава највисок раст ќе имаат Албанија, Србија и Косово, по четири отсто, Црна Гора 3,7 отсто, Бугарија 3,6 отсто, БиХ 3,2 отсто и Хрватска 2,8 отсто.
И Народната банка на Македонија алармира дека Владата тешко го реализира тоа што претходно го испланирала. Најголема причина за тоа е стопирањето на изградбата на клучните патни правци, велат од Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
– Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот, главно поради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамките на јавните инфраструктурни инвестиции. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината – велат од НБРМ.
Народната банка алармира дека сѐ уште постојат ризици, како дома така и однадвор.
Според професорот на „Американ колеџ“, Томе Неновски, надолната ревизија на проекцијата на Светска банка и на ММФ за растот на БДП е реална со оглед на остварувањата во економијата во изминатите девет месеци од оваа година и на продолжената политичка криза во земјата.
– До подобрување, зголемување на годинашниот проектиран раст може да дојде по стабилизирањето на политичката клима во земјата, а со тоа и елиминирање на постојната неизвесност, која за стопанствениците е многу значаен фактор при нивното економско дејствување – објаснува Неновски.
Тој додава дека извозот и натаму ќе биде главен двигател на развојот на земјата во оваа година и дека во оваа област не може да дојде до нагли промени до крајот на оваа година, со оглед на обврските за реализација на претходно склучените трговски договори на домашните со странски фирми.
– Сепак, за да го достигне Македонија нивото од Западен Балкан, потребно е стабилизирање на вкупната општествена состојба во земјата, вршење силни институционални реформи и поттикнување на капиталните инвестиции, иновативноста и претприемаштвото – нагласува Неновски.
И професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, се согласува дека ревидирањето за економскиот пораст во оваа година е реален и додава дека тоа сепак е добра економска година имајќи ги предвид околностите.
– Добра околност е факторската структура на растот со доминација на извозот што покажува подобрување на конкурентската структура на економијата – смета Беџети.
Според него, економијата во идната година целосно ќе зависи од политичката состојба и од евроинтеграциските процеси.
– Токму овој фактор е доминантен за одржливоста на извозот, а со тоа и за трендот на порастот. Ако случајно продолжи тековната политичка криза, може да се случи не само политичка изолација туку и економска, ако не и блокада од најголемиот партнер, Европска Унија. Едвај ги преживувавме регионалните блокади во почетокот на транзицијата, па да не се чудиме од некои други уште поригорозни – вели Беџети.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, податоците за БДП во вториот квартал даваат јасна слика за македонската економија.
– Растот во вториот квартал од годинава е позитивна вест по петте квартали стагнација. Но него мора да го гледаме структурно. Прво, економијата го испорача овој раст бидејќи основата од пред една година е многу ниска. Второ, забрзувањето на растот на извозот и благото забавување кај увозот, укажува дека во голема мера тој раст произлегува од ТИРЗ-овите, додека падот на бруто-инвестициите и продолжениот пад кај градежништвото укажуваат дека преостанатиот дел од главно домашна економија сѐ уште е потиснат, во исчекување, со релативно замрзната активност – истакна неодамна Петрески, додавајќи дека тоа не е ни чудно во ваков политички контекст.
Тој вели дека за да се постигне раст на широкопојасна основа, Владата ќе мора да вложи дополнителен напор.
– Планот за економски раст има реален потенцијал да го направи тоа, но ефектите од него најрано би ги виделе идната година. Од друга страна, неизвесностите сврзани со фискалната политика мора да се елиминираат и таа да се усогласи со тој план, односно двете да не функционираат како посебни острови. Секако, најголемата неизвесност е политичката – смета Петрески.