Анализата на различните сценарија за климатски промени за земјата покажува дека просечната годишна температура ќе се зголеми за 1,0 степен Целзиусов до 2025 година и 1,9 степен Целзиусов до 2050 година, додека средните врнежи се предвидува да се намалат за три и пет отсто во истите временски периоди, што значи значително зголемување на сувос
Реструктурирање и адаптирање на земјоделството
Стануваат ли климатските промени сѐ повидливи за луѓето? Големи промени во температурите беа забележани изминатиов период во Македонија, а уште повпечатливи се изразито високите температури што деновиве ја зафатија земјата. Но временските промени не се карактеристични само за нашата земја, туку за целата планета. Упатените укажуваат дека е потребна долгорочна стратегија, која ќе даде насоки за развој на земјоделството, односно какви сорти и семиња да се користат за поголем род.
– Македонија мора што поскоро да формира стручен тим од областа на аграрот што ќе изработи студија, која ќе утврди како да се приспособи земјоделството на климатските промени, кои веќе и самите ги гледаме. Со помош на генетичари да се создадат сорти семиња што имаат пократка вегетација и култури што опстојуваат во сушни периоди. Сортите со пократок период за вегетација можеби ќе даваат помалку род, но ќе има род. Факт е дека културите со подолг рок на вегетирање имаат поголем род, но поради временските непогоди, кои стануваат сѐ почести, има опасност засадените култури со подолг период на вегетирање да бидат уништени од обилни дождови, силни ветришта или од суша. Притоа, потребно е да се избираат сорти што се поотпорни на болести, со што ќе се намали потрошувачката на пестициди и истовремено ќе се произведуваат поздрави продукти – објаснува Илија Каров, професор од Факултетот за земјоделски науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Тој објаснува дека земјоделството е сектор што е директно погоден од климатските промени и дека адаптации ќе бидат неопходни поради растот на температурите, честите суши, но и уништување на родот од силни ветришта. Укажува дека поради промените ќе се намалува производството на разни земјоделски продукти, зависно кој регион како ќе биде погоден од времето, но додава дека сериозен проблем се недостигот од водата и намалувањето на врнежите, поради што ќе мора да се инвестира во системи за наводнување.
– На отворено е тешко да се контролира производството бидејќи зависи од временските состојби, затоа се потребни сорти со пократка вегетација. Сега науката треба да направи сорти што ќе може да опстојуваат и да произведуваат храна – истакнува Каров.
Од друга страна, сопственикот на компанија за производство на семенски материјали „Агроунија“, Огнен Оровчанец, укажува дека низ земјите во соседството веќе се применуваат агротехнички мерки што помагаат во одржување на влажноста, кои би можеле да се применат и кај нас, како земја што се соочува со сѐ почести сушни периоди и со нагли промени.
– Потребни се агротехнички мерки со кои ќе се штеди вода, а такви мерки веќе се применуваат во Грција, Шпанија и може да се применат и кај нас. Има мерки што се познати и како подземно наводнување, кои исто така имаат позитивен ефект. Од друга страна, може да се избираат и културите по издржливоста, поотпорни на климатските промени. Но недостига комуникација меѓу институциите и теренските работници и потребна е поголема соработка за примена на соодветни и најдобри сорти и мерки за заштита на земјоделството – потенцира Оровчанец.
Потребата од воведување мерки за намалување на негативните ефекти од климатските промени е потенцирана и во Националната стратегија за земјоделство за 2021-2027 година, каде што се истакнува дека истите тие ќе имаат поголемо влијание врз аграрот отколку врз кој било друг сектор, намалувајќи ги приносите на повеќето земјоделски култури.
– Анализата на различните сценарија за климатски промени за земјата покажува дека просечната годишна температура ќе се зголеми за 1,0 степен Целзиусов до 2025 година и 1,9 степен Целзиусов до 2050 година, додека средните врнежи се предвидува да се намалат за три и пет отсто во истите временски периоди, што значи значително зголемување на сувоста. Овој ризик се интензивира со ниската продуктивност и недостигот од приспособлив капацитет познат и како „дефицит на адаптација“, кој е резултат на голем број структурни фактори. Со значителен дел од руралното население зависно од земјоделството за својата егзистенција, руралните заедници се особено ранливи на ризиците предизвикани од климатските промени.
Поради веќе евидентното негативно влијание во речиси сите важни земјоделски региони во земјата, постои потреба за развој и спроведување опции за адаптација за зголемување на отпорноста на земјоделските системи, кои ќе овозможат заштита од елементарни непогоди, заштита на животната средина и одржливо управување со ресурсите, како и за приспособување кон климатските промени – пишува во Националната стратегија. Во неа е потенцирано дека одгледувањето на земјоделските култури на најголемиот дел од територијата на државата е невозможно без дополнително наводнување. Од друга страна, поради зачестени обилни врнежи, кои се поклопуваат со периодите на зголемена влажност, земјоделските површини покрај поголемите речни текови се на удар на поплави со големи економски загуби по производството.
– Проширување и реконструкција на постојните и изградба на нови системи за наводнување останува приоритетна потреба, особено од аспект на очекуваните негативни ефекти од климатските промени, кои ќе влијаат на зголемување на потребите за наводнување од една страна и намалување на расположливото количество вода за наводнување од друга. Водните ресурси, односно подземните и површинските води, се релативно чисти во горниот тек и брзо се влошуваат по должината на нивниот среден и долен тек. Ризиците за загадување на водата се високи во интензивните земјоделски региони со монокултурно производство во близината на водните извори и езера. Модернизацијата и интензивирањето на земјоделството дополнително ќе ги загрозат површинските и подземните извори и акумулациите. Загадената вода го ограничува изборот на земјоделски култури, особено попрофитабилните култури како зеленчук и овошје – пишува во стратегијата.
Негативното влијание од промените ќе се ублажува преку поддршка за набавка на заштитна опрема, ефикасни системи за користење на водата, како и со поттикнување промена на сортите соодветни на идниот климатски режим, особено за најчувствителните потсектори. Посебно внимание, се наведува во стратегијата, ќе се обрати на стимулирање на инвестициите за производство на енергија од одржливи извори на самото стопанство и подобрување на енергетската ефикасност. Земјоделците ќе бидат поддржани со соодветни советодавни пакети за правилни практики и обуки за намалување на влијанието од промените.