Владата донесе уредба со која се утврдува како банките и штедилниците во текот на вонредната состојба, на граѓаните и на фирмите ќе им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности, за да им го олеснат сервисирањето на кредитите.
Имено, се овозможува промената на договорните услови за кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се посетуваат експозитури и филијали и без да се чека на шалтерите за потпишување на анекси. Банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни услови без барање од клиентите, преку објава на понудата за промена на условите за плаќање на кредитите на своите веб-страници или со одделно известување на клиентите, преку електронска или писмена комуникација.
– Ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно од добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката или штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена. За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со уредбата, ќе се смета дека понудата не е прифатена – се наведува во соопштението испратено од Народната банка.
Од институциите додаваат дека кредитокорисниците имаат право и да се обратат до банките и штедилниците ако оценат дека има потреба од тоа. Предвидено е да се обратат електронски или писмено, а одговорот, исто така, да го добијат електронски.
– Со регулаторни измени, банките и штедилниците на засегнатите граѓани и на фирмите ќе можат да им понудат повеќе поволности како одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, одолжување на исплатата на кредитот на подолг период, пониска каматна стапка и слично. Ова важи за сите кредитни производи, потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити, за кредитни картички, кај дозволено пречекорување (одобрен минус) и кај кредити на фирмите – објаснуваат надлежните.
Банките и штедилниците веќе истакнаа дека се подготвени да одговорат на потребите и барањата на кредитокорисниците погодени од корона-кризата и во нивен интерес е да помогнат граѓаните и фирмите да го пребродат актуелниот шок и да имаат капацитет за и понатаму да ги плаќаат обврските. Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и од Македонската банкарска асоцијација.