Со оглед на тоа што сме мала економија, робустен начин да се зголеми додадената вредност е ориентација кон извозот, односно она што ние можеме да го произведеме и да му го продадеме на светот. На тој пат, клучна улога гледам и во промените во перцепциите и сфаќањата на граѓаните, бидејќи ако секој сака и бара да биде вработен во јавната администрација или бара начини да работи помалку, а да очекува повеќе средства за живот, тогаш животниот стандард ќе стагнира, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески од „Американ колеџ“
Преку раст на извозот и со создавање поголема додадена вредност, како и со поголема работна ангажираност може да очекуваме раст на животниот стандард на сите граѓани во земјава. Ова го посочуваат домашните експерти како еден од моделите за подобрување на состојбите во земјава, по неодамнешната анализа на „Евростат“, која покажа дека македонскиот стандард минатата година бил за 57 отсто понизок од европскиот просек. Иако истиот тој се приближил за еден процентен поен до европскиот просек, сепак, за жал, Македонија, која е подобра единствено од Босна и Херцеговина и од Албанија, е на дното на листата европски земји според индивидуалната потрошувачка и според домашниот бруто-производ по жител.
– Патот до повисок животен стандард на населението е ако сите работиме во насока да создадеме поголема додадена вредност, односно ако генерално повеќе работиме. Сегашната додадена вредност во економијата, или народски кажано колачот, е недоволно голема, и што и да преземаме за нејзина распределба, повторно ќе бидеме незадоволни од животниот стандард. Со оглед на тоа што сме мала економија, робустен начин да се зголеми додадената вредност е ориентација кон извозот, односно она што ние можеме да го произведеме и да му го продадеме на светот. На тој пат, клучна улога гледам и во промените во перцепциите и сфаќањата на граѓаните, бидејќи ако секој сака и бара да биде вработен во јавната администрација, или да бара начини да работи помалку, а да очекува повеќе средства за живот, тогаш животниот стандард ќе стагнира. Улогата на Владата е да создаде ефикасен амбиент за зголемување на додадената вредност, вклучувајќи и преку ефикасност на услугите што ги нуди јавната администрација – објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Преку поттикнување на извозните компании и раст на извозот, можно е зголемување на платите кај работниците. Ова го посочува професорот Томе Неновски и истакнува дека токму во претстојниот период силите на државата треба да бидат насочени кон зголемување на квалитетот и квантитетот на производството на стоки и услуги за домашни и извозни потреби.
– Потребно е да се поттикне зголемувањето на извозот, како една од алките за зголемување на БДП, а со тоа и на надоместоците (платите) што ги добиваат вработените. Во иста насока ќе дејствува и повторното зголемување на странските директни инвестиции, кои неминовно ќе доведат до зголемување на вработеноста, а со тоа и на вкупната куповна моќ на граѓаните во земјата. Со примена на современата технологија секаде каде што е можно, треба да се поттикнува продуктивноста на трудот, како основа за зголемување на економијата на обем и економијата на опфат, што ќе резултира со побрз развој на економијата, а со тоа и на платите и куповната моќ на граѓаните – нагласи Неновски.
Професорот истакнува дека во следниот период металската, металопреработувачката, прехранбено-преработувачката, автомобилската индустрија, градежништвото и земјоделството треба да бидат локомотивите на развојот на македонската економија.
– Со оглед на големината и ширината на тие сектори, нивната експанзија ќе создаде можност за ангажирање голем број помали македонски претпријатија, кои на кооперантска основа ќе најдат солидни партнери за пласирање на своите производи. Додадено кон тоа, Македонија треба да го поттикнува моделот на отворање и развивање семејни претпријатија, кои, во исто време, ќе бидат и најголем апсорбер на нова работна сила. Најпосле, со оглед на малиот домашен пазар, потребно е поттикнување на сервисните услуги од различен вид: финансиски, правно-застапувачки, занаетчиски, посреднички итн., кои ќе им се нудат на домашни, но и на странски компании во рамките на очекуваното вклучување на Македонија во евроатлантските економски процеси – појаснува професорот Неновски.
Со оглед на новата состојба во која се наоѓа Македонија, како и светот, поради пандемијата на новиот коронавирус, универзитетскиот професор Зоран Ивановски посочува дека мерките што се носат за стимулирање на потрошувачката се во рамките на можностите и капацитети на државата.
– Генерално нашата економија зависи од буџетското трошење, а во овие услови сметам дека државата го дава максимумот, со стимулација на туризмот, потрошувачка на домашни продукти… Мерките ќе зависат и од тоа дали во септември ќе се соочиме со нов бран, дали ќе има потреба од нови интервенции и поддршка од државата. Начелно мерките се слични во сите земји, од бескаматни кредити, преку даночни ослободувања, па до директна поддршка за домаќинствата со ниски приходи – вели професорот Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент.
Извршната директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, Благица Петрески, вели дека животниот стандард на граѓаните може да се подобрува преку зголемување на приходите и намалување на расходите или преку подобрување на квалитетот на услугите.
– Поголем дел од државните интервенции во изминатите години беа на приходната страна, преку пораст на пензиите, зголемување на минималната плата, различни субвенции и дополнителни додатоци за социјална заштита. Но истовремено не се направи значаен прогрес на страната на квалитетот на услугите што ги нуди државата и за кои граѓаните заради таквата состојба имаа дополнителни трошоци, пример „плаќања од џеб“ за здравствени услуги. Оттука во следниот период поголем фокус треба да се стави врз подобрување на квалитетот на услугите што ги нуди државата и креирање услови за создавање повисокоплатежни работни места. За второто, потребно е да се идентификуваат каде се најголемите потенцијали, кои сектори може да дадат најголем придонес кон економскиот раст, каде може да креираме највисока додадена вредност и сите напори и планови да се стават во функција на таа патека за раст – објаснува Петрески.