Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Вина од Македонија“
Здружението „Вина од Македонија“ заедно со други здруженија ја формира „Балканската винска мрежа“, која ќе дејствува во доменот на поврзувањето и промоцијата на виното од балканските земји. Околу придобивките од ваквото здружување разговараме со Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Вина од Македонија“
Досега регионот беше познат во светот најмногу по политичката нестабилност и конфликтите. Ваквата неповолна перцепција носи долгорочна штета, а претставува и пречка за развојот на земјите од Западен Балкан, кои сѐ уште не се членки на ЕУ. Перцепцијата мора да се менува, а за тоа е неопходно и претприемачите и бизнисмените во регионот да соработуваат и да си помагаат. Не можеме само да чекаме институциите во нашите држави да ги решат сите проблеми. За да можеме да се интегрираме во светот, треба да се интегрираме во нашиот регион. Логиката на ваквите поврзувања се темели на добро познатата парадигма дека „заедно сме посилни“.
Сите показатели укажуваат дека винската индустрија е област каде што можеме лесно и брзо да оствариме соработка, оти имаме заеднички адути. Тоа се долгата традиција на производство на вино, добрите климатски и почвени услови за производство на квалитетно грозје и автохтоните сорти, како вранецот. Тој е присутен во целиот регион и располага со одличен потенцијал да биде заштитен знак или бренд по кој светот ќе го препознае и вреднува виното од регионот, а кое по сите карактеристики може да им конкурира на вината од најпознатите светски вински региони. Грозјето и виното создаваат висока додадена вредност. Можеби во моментов не постои друг земјоделски производ во земјава и пошироко во регионот со поголемо позитивно влијание или импакт врз економијата.
Дали „Балканската винска мрежа“ ќе тежнее кон заеднички настапи на светски саеми или кон освојување нови пазари за пласман на вината од Балканот?
– За да биде успешна соработката треба да биде разновидна. Прво треба да биде насочена кон промоција на регионот и неговите потенцијали и услови за производство на квалитетни вина. Градењето мрежа значи можност за соработка во областа на истражувањата, како есенцијален предуслов за натамошен развој на лозарството и винарството во целиот регион. На сите земји од регионот им недостигаат вложувања во доменот на истражувањата, што доведува до сериозен недостиг од научно верификувани податоци врз кои треба да се градат стратегиите и да се насочува развојот на оваа гранка.
Не гледам причина зошто не би била можна и соработка во делот на заеднички настапи на трети пазари, особено на оние што имаат голема побарувачка за вино, како што се пазарите во Азија, пред сѐ кинескиот пазар. Друга област на соработка на „Балканската винска мрежа“ ќе биде и развојот на винскиот туризам, што би требало да почне од градењето на репутацијата на Балканот како интересна и возбудлива дестинација за патување и престој, која може да понуди уникатни доживувања, кои би можеле да бидат спој од гастрономски специјалитети што се карактеристични за регионот, одлично вино, прекрасна природа и културно-историски обележја.
Како да се постигне поголема застапеност на македонските вина надвор од земјава?
– Прво, за поголемо присуство на македонските вина на странски пазари е неопходно да ги достигнеме и да ги одржиме посакуваниот квалитет и ниво на ефикасност и продуктивност во производството. Единствена перспектива за развој на македонската винска индустрија се производството и извозот на квалитетно амбалажирано вино, со висок и конзистентен квалитет, кое може да се продава по повисоки цени и да генерира поголема додадена вредност. Сегашната структура покажува дека количински само 28 проценти, а во вредност околу 49 отсто од македонското вино што се извезува е во шишиња, преостанатото е наливно. За да можеме да учествуваме во трката на светските пазари мора да ги намалуваме трошоците за производство, затоа што пазарот, кој е немилосрден, ќе биде крајниот филтер за тоа кој ќе продолжи во трката, а кој ќе отпадне.
За да го достигнеме потребното ниво на конкурентност, мора да се менуваме, за што, пак, се неопходни интензивни и долгорочни вложувања во обновување на насадите и окрупнување на парцелите, како и дефинирање и примена на стандарди за производство на грозје и унапредување на лозарството, за да се обезбеди квалитетна суровина по конкурентни цени. Стандардите се тие што го определуваат правецот за градење препознатливост на винските брендови.
Можат ли домашните вина да им бидат конкуренција на светските брендови?
– Дефинитивно сме способни да произведеме квалитетни, уникатни вина што можат да се носат со вината што се сметаат за елита во светки рамки. Доказ за ова се престижните награди, високите оцени и признанијата што ги добиваат македонските вина од престижни светски манифестации и релевантни извори. Поради немањето вистинска стратегија за развој на лозарството и винарството во минатото, како и отсуството на позначителни вложувања во промоција, македонското вино сѐ уште не е етаблирано во светски рамки како бренд и сѐ уште не може да го достигне потенцијалот со кој располага. Оттаму, ние како производители се бориме на два фронта, едниот е дома, каде што се обидуваме да наметнеме поинакво размислување околу неопходните промени во стандардите што треба да го унапредат производството на грозје. Другиот е надвор од нашите граници, каде што се обидуваме да ги претставиме на најдобар начин нашите адути во поглед на уникатните карактеристики и високиот квалитет на македонските вина. За успех на двата фронта се неопходни соработка и дејствување на сите вклучени страни во лозарството и домашната винска индустрија, како и поддршка од институциите.
Каков е ставот на здружението „Вина од Македонија“ за договорот од Преспа, се стравува ли дека домашните винарници нема да смеат да го користат терминот „македонско“ при извозот?
– Очекувам дека имплементацијата на договорот од Преспа ќе има позитивно влијание врз извозот на македонско вино, особено во земјите од ЕУ, но и пошироко. Со неговата реализација македонското вино конечно ќе може да добие идентификација за географското потекло, што е особено значајно во бизнисот со вино во светски рамки, бидејќи тој податок има големо значење за винските експерти, но и за увозниците.
Нашиот став е дека договорот од Преспа не е во колизија и не ги надминува преостанатите меѓународни договори и конвенции, кои предвидуваат дека и двете земји немаат монопол врз терминот „Македонија“, односно дека имаат право да ги користат термините „македонско“ и „Македонија“ за сите вина што се произведени во поширокиот географски вински регион – Македонија. За да се избегне конфузија, на етикетите на производите се наведува и името на земјата каде што е произведено виното. Во согласност со ваквата меѓународна практика, која не е непозната во светот, нашиот став е дека и двете земји имаат право да го користат поимот „македонско вино“, со таа разлика што на етикетите на нашите вина ќе стои дека се произведени во Северна Македонија, а на вината произведени кај нашиот јужен сосед ќе стои дека се произведени во Грција.