Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одделни компании што успеале во периодот на пандемија да пронајдат нови пазари се успешни примери, кои во иднина треба да се преточат во поорганизирана државна стратегија за поддршка на диверзификацијата на извозот, за освојување нови пазари и за подигнување на степенот на обработка на извозните производи, посочуваат стопанствениците

ЗАБЕЛЕЖИТЕЛНИ ПРОМЕНИ ВО СТРУКТУРАТА НА ИЗВОЗОТ

Од почетокот на оваа година во структурата на извозот од Македонија се забележуваат промена и голем раст на извозот на производи кон САД и Турција. Иако и понатаму како најголеми партнери со кои тргувале компании од нашата земја се членките на ЕУ и околината, сепак, значителниот раст на извозот кон овие две големи земји е позитивна промена наметната од пандемијата и од обидите на компаниите да воспостават нови врски поради разнишаните вообичаени економски текови. Дали оваа промена на извозот од нашата земја ќе создаде нови конекции, различни од традиционалните, и дали компаниите што го пробија патот кон овие големи пазари ќе создадат нови навики и ќе трасираат пат за уште посилен настап на нови пазари, според стопанствениците, зависи од повеќе фактори.

Потребни се инвестиции во индустријата,
образованието…

– Македонија има отворена економија и бидејќи се работи за мала земја, јасно е дека извозот е клучен за економскиот раст на земјата. Малото зголемување на извозот кон САД и Турција веројатно е резултат на пандемијата, но ЕУ и Германија и понатаму ќе останат наши најголеми трговски партнери. Ова е поради близината, традиционалните врски, странските инвестиции и други фактори. Македонија сѐ уште има можности за зголемување на извозот во соседството, поради сличниот менталитет, историските врски, разбирањето на јазикот… За нас е најважно во иднина да ја промениме структурата на извозот, наместо производи со ниска додадена вредност и суровини, да извезуваме производи со поголема додадена вредност и да го зголемиме извозот на услугите – објаснува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.
Димитров дополнува дека за извоз на производи со поголема вредност се потребни инвестиции во индустријата, образованието, потикнување на претприемаштвото и зголемување на бројот на малите и средните претпријатија конкурентни на светските пазари.
– Во недостиг од домашен капитал, сѐ уште е потребно да се поттикнуваат и странските инвестиции, но притоа да им се даде предност на оние што произведуваат производи со поголема додадена вредност и кои ќе може да им исплаќаат поголеми плати на вработените. Развојот на индустријата и зголемувањето на извозот и понатаму ќе бидат наш приоритет, сѐ додека не ги направиме потребните реформи во образованието, не ги зголемиме иновациите и почнеме со извоз на софистицирани услуги што се добро платени – потенцира Димитров.

Германија и понатаму најголем трговски партнер

Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија посочуваат дека извозот кон САД во првиот квартал од 2021 година изнесува 21.480.000 долари. Во однос на првиот квартал од 2020-та, извозот е зголемен за 166,2 отсто. Тие појаснуваат дека порастот е резултат на извозот на фероникел во вредност од 14.479.843 долари во март 2021 година. Истиот производ во првиот квартал од 2020 година не е извезуван кон САД.
– Компаниите од Македонија во САД најмногу извезуваат производи класирани според материјалот (учество од 71 отсто во вкупниот извоз кон САД), машини и транспортни уреди (учество 15,3 отсто) и храна и живи животни (учество 6,8 отсто). Учеството на извоз во САД во првиот квартал од 2021 година во вкупниот извоз на Македонија изнесува 1,07 отсто. Во тој контекст, иако извозот кон САД бележи голем пораст, неговото учество во вкупниот извоз на Македонија е многу мало. Ќе треба подолгорочни промени на среден и долг рок за да се промени учеството на одделни зeмји во структурата на македонскиот извоз ,кој традиционално е насочен кон Германија и земјите од Западен Балкан – објаснуваат од Комората.
Во првиот квартал од 2021 година, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција, Кина, Бугарија и Италија.

На страната на извозот, топ-земји кон кои бил насочен македонскиот извоз во овој период се Германија (учество од 51,2 отсто), Бугарија (3,8 отсто), Косово (3,7 отсто), Велика Британија (3,5 отсто), Унгарија (3,4 отсто) и Србија (3,2 отсто).
Извозот кон Турција во првиот квартал од 2021 година изнесува 36.219.000 долари и во однос на првиот квартал од 2020 е зголемен за 68,2 отсто, пораст што е постигнат со извоз на два производа. Како што укажуваат од Комората, во првиот квартал од 2021 година извозот на „плоснато-валани производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, не повеќе обработувани од топловаланите со ширина од 600 мм или повеќе, не намотани“, изнесува 22.442.713 долари и има пораст од 22,2 отсто во однос на првиот квартал од 2020 година. Кај производот „ткаенини со содржина 85 отсто или повеќе други синтетички филаменти“, извозот е во вредност од 10.200.000 долари (25,9 проценти пораст во однос на првиот квартал од 2020 година).
Од СКСМ објаснуваат дека компаниите од Македонија во Турција најмногу извезуваат производи класирани според материјалот (учество од 79,7 отсто од вкупниот извоз кон Турција), суровини (кои не се храна) освен гориво (8,9 отсто) и машини и транспортни уреди (8,4 отсто).

Поголема диверзификација, помали последици од евентуални кризни состојби

– Потенцијалот на пазарите на земјите од Западен Балкан, како и земјите од ЕУ, како пазари кон кои со години е насочен македонскиот извоз е голем, поради повеќе фактори: близината, традиционалните врски, полесниот настап, како и помалите трошоци за дистрибуција. Сепак, пандемијата покажа дека е значајно извозот да биде колку што е можно повеќе диверзифициран, како географски, така и по структура. Тоа ќе овозможи последиците од евентуални кризни состојби во иднина да се поублажени, односно затворањето на едни пазари да се надомести со други – нагласуваат од СКСМ.
Во тој контекст, зголемениот извоз кон САД и Турција во првиот квартал од 2021 година, според претставниците на Комората, е охрабрувачки, бидејќи се прави поголем пробив на пазари со огромен потенцијал, според бројот на жители и силата на економијата.
– Но фактот дека зголемувањето се должи на извоз на два-три производи покажува дека повеќе се работи за одделни, индивидуални компании што успеале во периодот на пандемија да пронајдат нови пазари. Второ, производите кај кои има пораст се со релативно пониско ниво на обработка, а следствено и со помала дополнителна вредност. Овие успешни примери во иднина треба да се преточат во поорганизирана државна стратегија за поддршка на компаниите за диверзификација на извозот и освојување нови пазари, како и за подигнување на степенот на обработка на извозните производи – посочуваат од Комората.