Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања, се сретна со претставници на бизнис асоцијациите и производителите на челик, во пресрет на средбата со еврокомесарката за трговија Сесилија Малстром во Брисел.
На средбата, како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, било разговарано за предизвиците што се отвораат по најновата одлука на САД за поставување на заштитни царини кон Европската унија за челик и алуминиум, со што се отвора можност за создавање нова светска трговска криза во челичната индустрија.
Претставници на бизнис асоцијациите ги истакнале можностите од продлабочување на оваа трговска војна, со што под знак прашање можат да дојдат и условите под кои македонскиот челик се пласира на пазарите на ЕУ, што целосно би ја блокирало оваа индустриска гранка.
Османи, се вели во соопштението, посочил дека како Влада ова прашање го сметаат за исклучителнло важно и ќе му дадат врвен приоритет, а истото ќе стане и главна тема на разговорите со еврокомесарите при претстојната посета на Брисел.
– Следната недела, во рамки на посетата на Брисел, ќе остварам средба и со еврокомесарката за трговија каде главна тема ќе бидат токму трговските мерки што Европската комисија предвидува да ги преземе, како и начините на кои би се заштитиле домашните производители на челик, истакна Османи.
Посочи дека во Брисел, на средбата со еврокомесарката Малстром ќе присуствува и министерот за економија, Крешник Бектеши, токму во насока на прецизно дефинирање на економските односи меѓу Република Македонија и Европската унија, а кои се предвидени со меѓусебната Спогодба за стабилизација и ссоцијација.