Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 2,49 отсто во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 06.04.2020 година.
Од вечерва на полноќ малопродажната цена на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се зголемуваат за 0,50 денари/литар и со тоа малопродажната цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 48,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Еуросупер БС-98 ќе изнесува 50,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) не се менува, односно останува на исто ниво од минатата недела од 45,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 0,50 денари/литар и ќе изнесува 33,00 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 2,136 ден/кг и ќе изнесува 20,106 ден/кг.
Од 14.04.2020 година максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 48,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС -98 50,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 45,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 33,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 20,106 (денари/килограм)
Клучните фактори што влијаат на крајната цена согласно Методологијата за формирање на цените се референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на доларот.
Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат зголемување и тоа кај бензинот во просек за околу 4,437 отсто, кај дизелот зголемувањето е во просек за околу 1,366 отсто, кај екстра лесното масло има намалување во просек за околу 3,327 отсто и кај мазутот се регистрира зголемување во просек за околу 19,178 отсто.
Во исто време курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е зголемен за 1,125 отсто. Согласно Методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно прилагодување.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 14.04.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.