Масовното иселување поради ниските плати и лошиот образовен систем во земјава го создаде проблемот на недостиг од работна сила, кој стана најголем ограничувачки фактор за економијата. Решението на проблемот, велат од Владата, се гледа во државна парична помош при обуки за квалификувани работници, но и во увоз на работна сила од странство. По ова, се наметна прашањето од кои држави би доаѓале работниците, бидејќи тие можеби уште помасовно се иселуваат и од соседните земји. Освен тоа, увозот на работната сила, според експертите, може да биде само привремено решение, додека за долгорочното се потребни промени во структурата на стопанството и реформа на образовниот систем.
– Работниот однос е доброволен и договорен однос и не може никој некого да „увезува“ или вработува ако нема согласност од двете страни. Ова само по себе објаснува дека треба да го олесниме вработувањето странци и добивањето работни дозволи, а дали ќе имаме прилив на нови работници е прашање што зависи од мотивацијата на некој однадвор да работи во Македонија – вели претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Тој смета дека во овие услови, со оваа структура на стопанството, Македонија има многу мали шанси да привлече работници од странство.
– Нашата преработувачка индустрија сѐ уште е составена од традиционални дејности со ниска продуктивност и ниска додадена вредност, што резултира со ниски плати. Можеби шансите да се вработат работници од надвор со повисоки квалификации се поголеми, но сепак мислам дека се работи за многу ограничен број на работници – појаснува Димитров.
Според него, расчекорот на потребите и понудата на квалификуван кадар е огромен и во моментов недостигаат голем број работници речиси во сите сектори. Освен тоа, младите не сакаат да работат за ниски плати и одлучуваат да заминат од земјата.
– Решението на проблемот не е ниту лесно, ниту брзо. Треба да се започне со реформи во образованието, кои резултатот ќе можат да го дадат најрано за десетина години. Наедно, потребна е државна поддршка за структурни промени во индустријата во која, наместо традиционалните текстил, мебел, металургија, ќе се зајакнат металопреработувачката индустрија, хемијата, фармацијата и други пропулзивни гранки што ќе исплаќаат поголеми плати и ќе ги задржат младите во земјава – нагласува Димитров.
Како што споменува тој, сите земји во регионов имаат проблем со иселувањето, па така од овие земји не можеме да очекуваме работници.
– Тоа може да бидат единствено работници од земјите со понизок стандард од нашиот, како од Далечниот Исток, и од земјите зафатени со војни и природни катастрофи – додава претседателот на ОРМ.
Според Димитров, Македонија се наоѓа во една многу специфична развојна ситуација, слично на младите луѓе што преку телевизија и интернет ја гледаат благосостојбата во западните земји и заминуваат таму, така и државата сака да се зголемат платите и да се подобри стандардот на населението.
– Но проблемот не се решава со желби и политички декрети туку со реформи во сите области. За жал, образованието во минатото го упропастивме со политички притисоци и квази-реформи, а тоа е основа за идниот развој. Индустријата има наследена структура, која не се менува едноставно и за промени е потребен капитал, кој во државата го нема. Странските директни инвестиции не донесоа дејности што ќе вработуваат високостручен кадар и ќе развиваат високотехнолошки производи. И тие вработуваа неквалификувани работници за работни места за кои е потребен едноставен мануелен труд. Така, државата, наместо самата да се реформира, да го намали бројот на министерствата, на пратениците, на државните службеници, за да му олесни на стопанството и да му остави простор за реформи, таа станува сѐ поскапа, со сѐ поголем буџет и наметнува нови давачки – објаснува Димитров.
Според него, колку и да изгледа состојбата песимистички и безизлезно, низ овој процес поминале сите земји од Централна и Источна Европа, така што треба да го користиме нивното искуство во спроведувањето на реформите.
Академикот Таки Фити вели дека се неопходни длабоки реформи во образовниот систем на земјата, бидејќи ефикасноста е загрижувачки ниска.
– Квалитетот и ефикасноста на институциите редовно се условени од квалитетите на кадрите што се вработени во нив и особено од квалитетот на првите луѓе на институциите. Оттука, несоодветниот квалитет на образовниот систем на сите степени на образование, евидентно влошен во последните десетина години, долгорочно продуцира слаби и неефикасни институции. Овој фактор кај нас е дополнително истакнат со постоењето енормно висока невработеност, претежно од структурна природа, што води до депрецијација на човечкиот капитал, т.е. до губење на знаењата и вештините стекнати од формалниот образовен систем – истакна Фити.
Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, вели дека проблемот со наоѓањето квалитетна работна сила во Македонија е од ургентна природа и бара преземање итни чекори.
– За таа цел комората како партнер во делот на образованието ќе се насочи кон активности што ќе значат поддршка за домашните компании и кои ќе се вклучат во процесот на дуално образование во рамките на средното стручно образование. Дуалноста во суштина се однесува на наизменично учење и во училиштето и во компанијата, односно на начинот на соодветна комбинација на теоријата и на практиката. Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри, кои стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и ќе го спроведат преку директна практична работа во компаниите – истакна Азески.