Во нашата земја има 250 различни вида пестициди, кои се одобрени од институциите за употреба во конвенционалното одгледување овошје и зеленчук, но упатените велат дека има уште толку недозволени што ги користат земјоделците
Крупни и црвени јаболка, домати, јагоди, марула, краставици, и многу други овошки и зеленчуци, кои не созреале по природен пат, третирани со премногу хемиски средства можат да се забележат на нивите и на пазарите. Сево ова е поради желбата на значителен број земјоделци да заработат прекуноќ, одгледувајќи земјоделски производство со вкус на хемикалии.
Според земјоделците, системот за добра земјоделска практика се однесува на контролирана употреба на ѓубрива, пестициди, хербициди, а во исто време треба да се засилува контролата на токсичните елементи и на другите загадувачки состојки во земјоделскиот производ. Најризични од аспект на употреба на пестициди кај нас се краставиците, марулите, доматите, спанаќот, зелката, кромидот, пиперките, грозјето, вишните, црешите… Кај нив најчесто се сретнуваат зголемени вредности при лабораториските испитувања.
– Без разлика дали станува збор за овошје, зеленчук, месо, млеко и нивни преработки, најголеми „увозници“ на таква проблематична храна се државите со најголема корупција, т.е. државите од Западен Балкан и постсоцијалистичките држави што сега се во ЕУ. Во сите држави на ЕУ каде што постои строг професионализам во сферата на контрола на храната, недозволените контаминации со пестициди, инсектициди или други хемиски средства што се користат во земјоделското производство, а се крајно штетни за здравјето на консументите, брзо се откриваат, а дистрибутерите или производителите се санкционираат – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агрофаланга“.
Тој додава дека на тој начин ретко кој производител, што има лабораториски увид во штетноста на својот производ за здравјето на луѓето, би се осмелил да го пласира на тој пазар.
– Затоа многу од производите што не можат да ги поминат строгите контроли на ЕУ завршуваат на нашиот пазар или на пазарите на соседните држави, како што беше примерот со говедското месо од Полска, кое заклано од болни и полумртви крави, декларирано како исправно, стигна на пазарите во Романија, Чешка и во некој други земји на ЕУ – појаснува Станковски.
Кога станува збор за контрола на квалитетот на овошјето и зеленчукот од домашно производство, се појавува одредена опасност за домашни консументи.
– Поради големиот број ситни земјоделски производители, кои не се секогаш запознаени со правилното третирање и дозирање на препаратите што ги користат при одгледување на своите култури, постои можност за дистрибуција на пазарите и на производи, кои не ги исполнуваат пропишаните стандарди. За тоа се потребни почести контроли, но не поради санкционирање, туку заради утврдување на потребите од советодавни услуги, на кои треба да се обврзат градинарите и овоштарите – додава Станковски.
Во нашата земја има 250 различни вида пестициди, кои се одобрени од институциите за употреба во конвенционалното одгледување овошје и зеленчук, но има уште толку недозволени што ги користат земјоделците.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека вршат континуирани контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, како и на пратките што се увезуваат во земјава.
– Во првите два месеца од годинава, увезени се 23.488 тони овошје, зеленчук и нивни преработки. Земени се вкупно 95 примероци за лабораториско испитување, при што не е добиен ниту еден позитивен резултат, односно, пратките со овошје, зеленчук и нивни преработки, кои биле увезени во земјава се безбедни – велат од АХВ.
Оттаму додаваат дека примероците се земаат во определен временски период, од определен вид и количество храна.
– По спроведените лабораториски испитувања на земените 174 примероци од минатата година, добиени се 28 позитивни мостри кај кои е констатирано присуство на остатоци од пестициди или кои го надминуваат лимитот на квантификација на пестициди.
Позитивните мостри од цреши се земени од скопскиот регион, од кавадаречкиот регион позитивен бил примерокот од грозје, исто како и од компир и корнишони, кои се земени од битолскиот регион – напоменуваат од АХВ.
Кај примероци од краставици, домат, грашок, млад компир, тиквички, грав и праски, цреши, грозје, краставици, корнишони, јаболка, јагоди пиперки утврдено било надминување на лимитот на квантификација, содржеле поголем процент од максимално дозволените концентрации на пестициди, а биле земени од струмичкиот, кавадаречкиот, битолскиот, велешкиот, скопскиот, струшкиот и штипскиот регион.
– За определување на присуството на тешки метали и нитрати во одредени видови прехранбени производи, во 2018 година лабораториски анализирани беа 26 примероци од кои 11 биле позитивни, и тоа само кај спанаќот. А кадмиум и олово биле пронајдени во марулата и во спанаќот од велешкиот регион – нагласуваат од АХВ.
Оттаму велат дека работат на едукација на компаниите во однос на преземањето мерки за отстранување на констатираните недоследности со контролите и за подобрување на условите за работа во насока на создавање услови за безбедност на храната, вклучувајќи ги овошјето и зеленчукот, која се увезува, складира и која се продава на пазарот во Република Македонија.