За одржување насади во јаболкопроизводството субвенциите годинава се зголемуваат од 33.000 на 41.000 денари по хектар, а за овоштарите што имаат од еден до пет хектари поддршката расте од 39.600 на 50.000 денари
Нови мерки во програмата за финансиска поддршка на земјоделството најави министерот Љупчо Николовски. Проектираните субвенции, нивната висина и распределба, според него, ќе ја вратат развојната компонента и ќе придонесат за зголемување на производството, обработливите површини, бројот на добиток и доходот на земјоделците.
Николовски на вчерашната прес-конференција во Владата соопшти дека мерките се креирани по консултации со сите чинители во земјоделството, но и во согласност со препораките од Светска банка и од Европската Унија, а целта е директната поддршка постепено да се намалува на сметка на поддршката на руралниот развој.
– Првата нова мерка што се воведува е „зелената нафта“, проектирана на 200 милиони денари, кои ќе ги добијат 55 илјади земјоделци, производители на полјоделски, градинарски и овошни култури, како и лозови насади. Следната мерка е за малите земјоделски стопанства до еден хектар и изнесува 6 илјади денари за хектар до 0,5 хектари површина и 12 илјади за хектар за површина од 0,5 до 1 хектар – информира министерот.
За поттикнување на јаболкопроизводството субвенциите за одржување насади годинава се зголемуваат од 33.000 на 41.000 денари по хектар, а за овоштарите што имаат од еден до пет хектари поддршката расте од 39.600 на 50.000 денари. Во делот на градинарството, како што нагласи Николовски, се олеснуваат критериумите за аплицирање, односно се воведува пријавување збирна засадена површина.
– Ова значи дека површините под градинарски култури при процедурите во платежната агенција ќе се гледаат збирно, што ќе резултира со драстично намалување на бројот земјоделци што во претходните години биле одбивани поради сложените постапки – објасни Николовски.
Министерот рече и дека со програмата двојно се зголемува поддршката за оризот, од 6.000 денари на 18.000 по хектар. Значителни субвенции ќе добијат производителите на сончоглед, 23.160 денари по хектар оние што имаат од пет од 50 хектари и користат сертицифирано семе, додека оние што не се во овој опсег но користат сертицифирано семе ќе добијат поддршка од 15 илјади денари.
Наедно министерот најави дека ќе се зголемуваат субвенциите и во сточарството, каде што за предадено овчо и козјо млеко субвенцијата ќе изнесува 4,5 денари за литар. Посебен акцент, нагласи министерот, се става на живинарството. Од 33 на 40 денари се зголемува субвенцијата за одгледани и заклани бројлери за да се поттикне производството, а од 25 на 125 денари расте поддршката за заклани несилки. Двојно повисоки субвенции има и за произведените еднодневни пилиња.
– И годинава останува зголемената поддршка од 20 отсто за растителното производство со развоен потенцијал. Продолжува поддршката и за стратегиските култури: тутунот, грозјето, пченицата и други култури – дополни Николовски.
Поддршката во програмите е јасно разграничена и не може да се совпаѓа за иста категорија производи или некоја друга намена. Исклучок е механизацијата, чија набавка ќе може да се покрива и од програмите за поддршка и од ИПАРД. Е.Р.