Да се фокусираме на побрз, но и на поквалитетен економски раст

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка на Република Македонија

За влијанијата врз каматната политика на банките, за очекувањата од планираниот економски пораст, но и за можноста за подобрување на неговиот квалитет, како и за опасностите од презадолжување на граѓаните, за „Нова Македонија“ зборува Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка на Република Македонија.

Народната банка неодамна пристапи кон уште едно намалување на основната каматна стапка, третпат во 2018 година…
– Намалувањето на основната каматна стапка, во март од 3,25 на 3 отсто, во август на 2,75 проценти и сега, во декември, на историски најниско ниво од 2,50 отсто, беше одраз на поволните движења на девизниот пазар во текот на годинава, а во услови на стабилни инфлациски движења. Монетарното олабавување во текот на оваа година имаше ефект и врз цената на финансирањето на приватниот сектор преку банкарските кредити. Досегашното искуство покажува дека деловните банки ги следат сигналите на НБРМ, па веројатно и по декемвриското намалување на основната каматна стапка ќе видиме одредено приспособување на каматната политика на банките на сигналите на централната банка. Морам да напоменам дека, покрај основната каматна стапка на НБРМ, на каматната политика на банките влијаат и повеќе други фактори, вклучувајќи ги и конкуренцијата, квалитетот на активата, согледувањата за ризиците во економијата и слично.

Какви се очекувањата на НБРМ за остварување на планираниот економски пораст за 2018 година, што очекувате за 2019 година, колкав пораст според вас ни е потребен и како до него?
– За 2018 година се оценува умерен пораст на домашната економија од 2,3 отсто. Очекуваме дека тој ќе забрза и во 2019 година ќе изнесува 3,5 проценти. Ваквите оцени претпоставуваат стабилен домашен политички контекст, а главните импулси врз растот очекуваме да дојдат од активностите на извозно ориентираните капацитети, понатамошниот солиден прилив на нови странски инвестиции, јавните инвестиции во патната инфраструктура, за кои се очекува дека ќе забрзаат во следниот период, како и растот на расположливиот доход и на кредитната поддршка од банките.

За забрзување на економскиот раст на долг рок неопходни се соодветни решенија за отстранување на структурните пречки. Спроведените реформи за подобрување на деловното опкружување треба да продолжат заради влез на мултинационални компании, кои ќе ја зајакнат трговската и финансиската интеграција на нашата економија. Потребно е истовремено да се преземаат и чекори за посилно поврзување на домашните со странските компании, заради максимално остварување позитивни преносни ефекти врз вкупната економија. Мора да се има предвид дека битен предуслов за поголема интеграција секако се јавните инвестиции, за да се затвори јазот во јавната инфраструктура и за да се зголеми долгорочниот потенцијал на економијата.

Фокусот треба да биде ставен не само на обезбедување побрз туку истовремено и поквалитетен економски раст. За тоа е потребна преориентација на реалната економија кон поиновативни сектори, со поголема технолошка софистицираност и повисока додадена вредност. И секако, не треба да заборавиме дека е потребно реформите да бидат насочени и кон подигнување на квалитетот на институциите и на образовниот систем, бидејќи без нив, предусловите за побрз раст тешко би можеле да се постигнат.

Како може да влијае НБРМ врз економскиот пораст?
– НБРМ има законски утврдена цел да ја поддржува и општата економска политика, во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција. Од 2009 година наваму, со исклучок на средината на 2016 година, централната банка континуирано ја олабавуваше монетарната политика и даваше свој придонес кон економскиот пораст, придонесувајќи за олеснување на условите на финансирање на економските субјекти. Монетарното олабавување, во услови на стабилен амбиент и поволни согледувања, имаше ефект и цената на финансирањето на приватниот сектор преку банкарски кредити го достигна своето историски најниско ниво. Одреден придонес кон кредитирањето имаа и нашите неконвенционални мерки што беа насочени кон олеснување на пристапот до финансирање дел од корпоративниот сектор. Во стабилен амбиент, при пониска цена на финансирањето, но уште поважно, во услови на здрав, ликвиден и солвентен банкарски систем, за разлика од многу други земји во Европа, кредитната активност во нашава земја не запре со појавата на последната глобална економска криза.

Монетарната политика не може да биде супститут за здрави структурни политики што се неопходни за зголемување на потенцијалот за долгорочен раст на економиите. Сепак, улогата на монетарната политика првенствено треба да се однесува на превенција од ранливости во економијата и одржување на ценовната и финансиската стабилност, како неопходни предуслови за побрз раст. Треба да се има предвид дека просторот за дејствување на монетарната и фискалната политика постепено се исцрпува, што дополнително укажува на потребата за постојано спроведување структурни и институционални реформи што ќе овозможат подинамичен и поквалитетен економски раст.

Показателите велат дека задолженоста на граѓаните континуирано расте. Има ли опасност од презадолженост кај граѓаните?
Поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата се темели на понискиот ризик што произлегува од овие кредити, пред сѐ поради поголемата диверзифицираност на кредитното портфолио „на мало“, генерално поедноставните постапки за одобрување на овие кредити, односно за оцена на кредитната способност на кредитокорисникот. Од друга страна, повисока е и побарувачката на кредити од страна на домаќинствата, во услови на историски ниски каматни стапки, пораст на вработеноста и платите, пораст на расположливиот доход, а сѐ уште релативно ниска задолженост на секторот „население“ како целина.

НБРМ внимателно ги следи сите промени во активностите на банкарскиот сектор, а особено растот на кредитирањето на домаќинствата според одделните продукти, и секогаш кога ќе оцени дека постои зголемување на ризиците од овој тип кредитирање или дека постојат сигнали за евентуално презадолжување на населението, презема соодветни мерки за намалување или ограничување на тие ризици. Како резултат на позначајниот раст на долгорочните потрошувачки кредити на населението во период од неколку години, во декември 2015 година, НБРМ ги зголеми капиталните барања за сите нови потрошувачки кредити со договорен рок на достасување еднаков или подолг од осум години, одобрени по 1 јануари 2016 година. Преку поголемиот износ на капитал што банките се должни да го одржуваат за овој вид кредити се влијаеше за забавување на растот на тие кредити на ниво од околу 10-11 отсто годишно.


Станбените кредити најбарани

– Кредитирањето на домаќинствата бележи релативно стабилен раст, од околу 10 отсто годишно, во просек, во изминатите пет-шест години, меѓутоа засега тоа не претставува раст што предизвикува загриженост. Поголемиот дел од кредитната поддршка за домаќинствата е наменет за финансирање на потрошувачката на физичките лица, но од средината на 2015 година, станбените кредити се најбрзорастечкиот сегмент од кредитното портфолио на домаќинствата, со годишни стапки на раст што тековно изнесуваат околу 15 проценти и го надминуваат годишниот раст на потрошувачките кредити за неколку процентни поени. Но би сакалa да напоменам и дека квалитетот на кредитното портфолио од домаќинства е доста солиден; има извесен мал раст на нефункционалните кредити, но нивното учество во вкупните кредити на домаќинствата е стабилно на нивото од 2,4 отсто.