Во буџетот за следната година не се предвидени пари за субвенции за набавка на нови возила, информираат од Министерството за економија откако претходно најавија таква мерка како дел стратегијата за намалување на загадувањето.
– Програма за субвенционирање дел од трошоците за купување ново возило со одјавување на старото возило, каде што начинот на субвенционирање и постапката за надомест на дел од трошоците за купување ново возило е предвидено да започне во 2020 година, но во новиот буџет за 2020 година не се предвидени финансиски средства за субвенционирање – велат од Министерството за економија.
Работна група што била формирана и го разгледувала ова прашање одлучила средствата да се алоцираат таму каде што ќе дадат најдобар ефект. Ова го соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска без да објасни за што ќе бидат пренасочени парите.
– Беше разговарано и одлучено дека приоритет на Владата е средствата да бидат алоцирани онаму каде што ќе дадат најдобри резултати. Таа мерка беше дебатирана, имаше работна група специјално формирана и средствата се алоцирани за да го дадат најдобриот ефект – изјави министерката.
Таа додаде дека загадувањето на воздухот е еден од приоритетите на Владата и дека во буџетот има повеќе мерки што се вградени во најразлични министерства.