Поголема транспарентност, усогласување со меѓународните практики и поголем кредибилитет кај меѓународните институции и инвеститори се очекуваните ефекти од измените на Законот за јавен долг што ги изработи Министерството за финансии, а кои се во собраниска процедура. Со измените се предлага враќање на негарантираниот долг во пресметката за јавен долг.

– Негарантираниот долг беше дел од пресметката на јавниот долг до 2014 година, кога со измени на законот беше изземен. Ова беше критикувано од ЕУ во следните заеднички заклучоци од министерскиот дијалог во 2015 година. Вклучувањето на негарантираниот долг во пресметката на јавниот долг е во насока на поголема транспарентност, во согласност со препораките на меѓународните институции како ММФ, Светска банка, Европската комисија и рејтинг-агенции – истакнува министерот за финансии Драган Тевдовски.

Со измените на законот се воведуваат и други решенија и механизми со кои јавниот долг ќе остане под контрола и транспарентно ќе се известува за него. Со измените се враќа изработката на стратегија за управување со јавниот долг како одделен документ. Стратегијата ќе биде тесно фокусирана на управувањето со државниот долг, портфолиото и структурата на државниот долг.

Законските измени предвидуваат и Министерството за финансии да врши кредитна анализа и процена на кредитна способност на носителите на јавен долг при издавање државна гаранција, во согласност со посебно пропишана методологија за процена.
Во 2016-та јавниот долг изнесувал 48,8 отсто од БДП, а сега 48,7 проценти. Е.Р.