Во мај годинава се издадени 222 одобренија за градење, што е за 7,9 проценти помалку во однос на мај лани. Во извештајниот период е предвидена изградба на 477 стана, со вкупна корисна површина од 38.951 квадратен метар, објави Државниот завод за статистика.
Најмногу одобренија се издадени во скопскиот регион, 40, каде што предничат општините Центар, Бутел и Шуто Оризари, со по девет дозволи. Следува југозападниот регион со 39 одобренија, од кои 20 се во Кичево. И во Струмица се издадени 20 одобренија за градење, кои се дел од 36-те издадени за цел југоисточен регион. Најмалку дозволи за градење, четири, има во североисточниот регион.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.529.344.000 денари, што е за 4,2 процента помалку во однос на мај минатата година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 116 (52,2 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 41 (18,5 проценти) од нискоградба и 65 (29,3 проценти) за објекти за реконструкција.
Кај 116 (52,3 проценти) објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 106 (47,7 проценти) инвеститори се деловни субјекти.