Највисоки приходи пријавени во годишната даночна пријава има скопјанец, во износ од 212 милиони денари (3,4 милиони евра), што е највисок годишен бруто-приход во земјава. Вториот на листата со остварени 207.587.649 денари (3,3 милиони евра) е исто така од Скопје

Над 24 илјади граѓани во земјава годишно заработуваат над еден милион денари, а бројката на оние што оствариле бруто-приходи од 100 илјади денари до еден милион денари е половина милион. Најмладиот милионер во земјава има само 15 години, а со доход над еден милион денари е и 98-годишно лице. Скопјанец е на листата со највисоки годишни приходи, а највисоката плата е исплатена во здравствениот сектор.

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, вчера на прес-конференција информира дека за 2017 година вкупно 455.915 лица поднеле годишна даночна пријава во која пријавиле 192.150.172.035 денари годишни бруто-приходи и 11.618.491.776 денари персонален данок.

Над еден милион денари бруто-приходи, според поднесените годишни даночни пријави, имале 24.524 лица.

Највисоки приходи пријавени во годишната даночна пријава има скопјанец во износ од 212 милиони денари (3,4 милиони евра), што е највисок годишен бруто-приход во земјава. Вториот на листата со остварени 207.587.649 денари (3,3 милиони евра) е исто така од Скопје. На листата со највисоки приходи се и по еден граѓанин од Струга, со остварени 135.137.869 денари (2,1 милиони евра), и од Битола со остварени 92.922.049 денари (1,5 милион евра).

Во 2017 година, според податоците презентирани на вчерашната прес-конференција, највисоката годишна бруто-плата изнесува 167.687.011 денари (2,7 милиони евра) исплатена во секторот здравство. Според висината на платата следуваат трговија, производство на фармацевтски производи и препарати, компјутерско програмирање, трговија на големо со производи од тутун, производство на фабрикувани метални производи, производство на печки и горилници, специјалистичка медицинска практика спортски менаџмент и изградба на станбени и нестанбени објекти.

Највисоката остварена капитална добивка изнесува 43.973.500 денари (715.000 евра), пријавена од страна на граѓанин од Прилеп, додека по основа на дивиденди и други приходи од учество во добивката најмногу пријавил граѓанин од Скопје.
Од продажба на сопствени земјоделски производи во 2017 година, најголем износ од 5.726.269 денари (93.000 евра) пријавил граѓанин од Скопје.

Од издавање земјиште, станови, деловни простории, превозни средства и друг вид имот најголем приход пријавил исто така обврзник од Скопје со 52.119.889 денари (847.000 евра), додека од авторски права и индустриска сопственост највисокиот приход е 32.786.556 денари (535.000 евра) пријавени од обврзник од Скопје.
Највисоки дополнителни приходи, покрај пензијата, пријавиле битолчанец со вкупни бруто-приходи од 55.559.568 денари (903.000 евра) и скопјанец со пријавени 53.174.184 денари (864.000 евра). Само од пензија, највисоки годишни бруто-приходи има скопјанец во износ од 5.728.934 денари (93.000 евра).

Најмладото лице што заработило над еден милион денари (16.000 евра) приход е лице од 15 години, кое ги остварило средствата од интернет-услуги.
Со реформата што ја воведе Управата за јавни приходи од годинава граѓаните не поднесуваат годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи, туку УЈП ќе ги достави електронски на даночните обврзници што претходно се регистрираа на електронскиот систем.

Управата за јавни приходи ќе почне да ги доставува претпополнетите годишни даночни пријави од 1 април на корисничките профили на даночните обврзници. На мејл-адресата корисникот ќе добие известување дека е испратена претпополнетата годишна даночна пријава, која ќе треба да ја потврди или коригира.