Гледајќи го бруто-домашниот производ (БДП), во согласност со паритетот на куповната моќ, Кина е најголемата економија во светот, со бруто-домашен производ поголем од 25.000 милијарди американски долари
Бруто-домашниот производ (БДП) е еден од основните начини на мерење на големината и перформансите на една економија . БДП е главен показател за развиеноста на економијата на секоја држава и токму поради овие причини честопати се известува за растот или падот на БДП низ земјите.
Последните економски анализи укажуваат дека европските економии како Италија и Германија се борат да го одржат економскиот раст, а истата судбина во Азија ја дели и индустријализираната Јапонија.
Гледајќи го глобалниот бруто-домашен производ (БДП), во согласност со паритетот на куповната моќ, Кина е најголемата економија во светот со бруто-домашен производ (БДП) поголем од 25.000 милијарди американски долари, пишува „Ал џезира – Балкан“. Во својата анализа тие посочуваат дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на кинеската економија ѝ предвидуваше раст од 6,3 проценти во 2019 година, додека на Соединетите Американски Држави, кои се наоѓаат на второто место, со БДП од над 20.000 милијарди американски долари, ѝ предвидоа раст од 2,3 проценти.
Азиските земји, кои се меѓу првите десет економии во светот, имаат најдобри прогнози за раст, и покрај забавувањето на глобалната економија, се вели во анализата.
Според процените на ММФ, Кина и САД ќе останат на врвот до 2024 година, додека Индонезија треба да ја престигне Германија во економските остварувања. До 2030 година се очекува Индија да го преземе второто место од САД. Се очекува Кина да биде најголемата економија во светот со номинален БДП.
Од земјите во регионот, Хрватска има најголем БДП од 61,25 милион американски долари, но притоа напоменуваат дека има и најмал проектиран раст од 2,6 проценти. Од друга страна, Косово, кое има најмал БДП по жител во регионот, се проценува дека ќе оствари најголем економски раст. Е.Р.
Македонскиот раст од околу 3 проценти уште повеќе го продлабочува јазот со Европа
За колку толку да се приближи до европските стандарди на Македонија ѝ се потребни стапки на раст од седум, осум, па и повеќе проценти, под претпоставка Европа да има раст со стапка од 1 процент
Доколку ги погледнеме бројките, поточно вредноста на БДП по жител, ќе видиме дека разликите меѓу состојбите во Европската Унија и во Македонија се драстично различни. Особено загрижува фактот дека јазот помеѓу ЕУ и Македонија од година на година повеќе се продлабочува и дека драстично е зголемен.
Параметрите укажуваат дека просекот во Европската Унија за БДП по жител е околу 36 илјади евра, додека кај нас само 6 илјади евра по жител. Ако хипотетички претпоставиме дека Македонија во наредниот период ќе има годишен раст од 3 проценти, а Европа 1 процент (што во реалноста за ЕУ е многу поголем) тогаш апсолутните бројки експлицитно покажуваат дека јазот не само што нема да се намалува, туку би се зголемувал уште повеќе иако процентите на раст хипотетички ги ставаме да се 3:1 за Македонија.
Така, на годишно ниво и со еден процент раст, Европската Унија ни бега уште повеќе односно за 30.180 евра по жител, а претходно разликата беше само 30.000 евра. Тоа само по себе покажува дека со сегашните ниски стапки на раст на БДП во Македонија, од околу 3 проценти, само се продлабочува јазот со ЕУ, односно Македонија се отклонува и оддалечува од Унијата.
Конкретно, 36 илјади евра помножени со 1 процент достигнуваат сума од 36.360 евра раст по човек на БДП во Европа, додека кај нас со раст од 3 проценти, на шест илјади евра имало 6.180 евра раст на БДП по човек. Разликата меѓу нашиот раст на бруто-домашниот производ по човек и европскиот е драстична и неспоредлива и, наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани таа станува сѐ понедостижна и јазот сѐ повеќе се продлабочува на штета на Македонија.
Токму поради овие причини домашните експерти редовно укажуваат дека на Македонија ѝ се потребни многу поголеми стапки на економски раст, дека со просечните 3 проценти вечно ќе заостануваме зад просекот на Европа и дека ако сакаме да напредуваме мораме да одиме со раст од 7,8,9 и повеќе проценти. П.О.