Народна банка по повод Глобалната недела на парите, која почнува од денеска, ќе реализира активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост и ќе ги промовира предностите од поголемата финансиска вклученост.
Посебен настан ќе биде националниот натпревар во рамките на Европскиот квиз на парите што првпат ќе се одржи во нашава земја. Оваа активност е по иницијатива од Македонската банкарска асоцијација, а во извршувањето покрај Народната банка, се вклучени и Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На натпреварувањето, на 27 март, ќе бидат избрани победниците што ќе ја претставуваат земјава на финалето што ќе се одржи во Брисел во организација на Европската банкарска федерација.
Како најава на активностите за одбележување на Глобалната недела на парите, викендов Народната банка почна да го објавува серијалот текстови „Економија за секого“, преку кој, на едноставен јазик, за пошироката јавност се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството.
Народната банка започна и едукативен карван со кој за ученици од неколку училишта, главно од руралните средни, обезбеди превоз за да можат да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции од финансискиот сектор.
При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации и да добијат едукативни материјали, како и да го посетат Музејот на Народната банка. E.Р