Народната банка има витална улога за ублажување на влијанието на кризата и обезбедување економска и финансиска стабилност, а нејзината професионалност и независност се суштински и од клучно значење, истакна генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на состанокот со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
На состанокот, како што соопшти Народната банка, е нагласена важноста на силните и кредибилни институции, особено во услови на криза, кога тие треба да сторат сѐ што е потребно за зачувување на довербата и поддршка на домаќинствата и компаниите.
– Исто така, беше истакнато дека професионалноста и независноста на централната банка се клучни предуслови за исполнување на нејзиниот мандат, вклучувајќи и за обезбедувањето на целокупната стабилност на финансискиот систем – велат од НБРСМ.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ги нагласи поддршката и партнерството од страна на ММФ низ годините.
– За нас е особено важно што имаме меѓународен партнер со силен интегритет, професионализам и стручност, кој постојано вложува во подобрувањето на нашите капацитети и ни помага во зацврстувањето на нашата улога во општеството – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во однос на тековната здравствена криза, Георгиева и Ангеловска-Бежоска разговарале за неизвесноста и предизвиците за носителите на политики во периодот што доаѓа. На состанокот било истакнато дека на глобално ниво се потребни будност и претпазливост поради неизвесноста околу времетраењето и последиците од пандемијата. Ова се однесува и на политиките на финансискиот сектор, во кои треба да има мерки за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.
Од Народна банка велат дека во тој контекст е посочено на неопходноста од претпазливост во политиките за распределба на дивиденда, како важен чекор во градењето на капацитетот на системот, сѐ додека не започне процес на одржливо закрепнување.
На состанокот е заклучено дека ММФ и Народната банка ќе продолжат со интензивната соработка, поддржувајќи ги напорите во создавањето придобивки за економијата и за општеството и штитејќи го јавниот интерес.