Акционерското друштво за вршење на дејноста давање на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ потпиша договор за набавка на современ систем за контрола на летање.
Од М-НАВ денеска информираа дека договорот е потпишан со италијанскиот производител „Леонардо“ и оти вклучува набавка и инсталација на најсовремен систем за контрола на летање (Аir traffic management – ATM), вклучувајќи и техничко-оперативна сала за него.
– Процесот на набавка се одвиваше во согласност со политиките и процедурите за набавка на ЕБОР и истиот беше следен и одобрен од нивна страна. Со потпишувањето на договорот, овој долготраен и комплексен процес, денес беше успешно реализиран. ATM Системот е примарен систем на контролата на летање, преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ, т.е. давање на услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор на Република Македонија. Новиот АТМ систем овозможува одржување на безбедноста на највисоко ниво, усогласеност со најновите технолошки стандарди, придонесува за подигнување на капацитетите, зголемување на ефикасноста на целиот систем и воедно ќе овозможи способност за успешно справување со очекуваниот зголемен обем на сообраќај – се наведува во соопштението од М-НАВ.