Предложените измени на Законот за вршење на сметководствени услуги, не прават никакви промени на тековниот пазар на сметководствани услуги во земјава, истакнуваат од министерсвото за финансии по реакцијата на Комората на сметководители.
Од ресорното министерство велат дека со предлог законот само се допрецизира тековното решение во однос на професионалната квалификација стекната во странство.
– Со тековните одредби физичко лице кое има професионална квалификација за сметководител или овластен сметководител од странство и сега може да се стекне со уверение за сметководител, односно овластен сметководител по претходно полагање на испити според Програмата која ја утврдува Институтот на сметководители и овластени сметководители согласно закон – се нагласува во соопштението.
Од министерството напоменуваат дека со предложеното не се менува досегашниот концепт за постапката за признавање на квалификација стекната во странство.
– Пристапот на нашиот национален пазар на сметководствени услуги на даватели на сметководствени услуги од европскиот економски простор, ќе се случи по пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија, односно кога севкупниот наш пазар ќе стане дел од единствениот европски внатрешен пазар – нагласуваат од Министерството за финансии.
Додаваат дека предвидено е и изготвување на нов Закон за сметководствени услуги, кој како и сите останати законски решенија ќе се носи преку инклузивен процес и на транспарентен начин.
Комора на сметководители бара нов закон
Комората на сметководители апелира да се донесе нов Закон за сметководствени работи и повлекување на законските измени кои се веќе во собраниска процедура. Со нивно носење, велат сметководителите, уште повеќе ќе се нарушат лошите услови за работа.
– Комората на сметководители континуирано апелира за потребата од унапредување на професијата, но во пракса продолжува самоволието во постапување на Секторот за финансиски систем во Министерството за финансии. Наместо повлекување на предлог-законот за измените на Законот за вршење сметководствени работи од собраниска процедура и конечно формирање работна група за креирање ново законско решени, предлог-законот е ставен на дневен ред на 34 седница на Собрание, закажана за 16.2.2021 година и тоа со европско знаменце, со што се забрзува постапката на негово донесување“, стои во реакцијата од Комората.
Со предложените законски измени, како што информираат сметководителите, се предвидува слободен влез во професијата на странски државјани од земјите членки на Европската економска заедница.
– Нагласуваме дека ЕУ не бара вакво усогласување, што значи дека со оваа манипулација во законското решение само се прави упад на пазарот на даватели на сметководствени услуги од странство и се дискриминираат и загрозуваат сметководителите во земјава кои истото право не можат да го остваруваат интернационално – реагираат тие.
Комората на сметководители бара итна средба со министерот за финансии и претставници од Секторот за финансиски систем.
Според нив, предлог-измените се крајно дискриминирачки и дополнително ја загрозуваат професијата.
– Доколку и понатаму продолжи немањето слух за реалните проблеми, Комората на сметководители ќе преземе радикални мерки кои ќе останат на сила до исполнување на барањата. Мора да се стави крај на ваквите перфидни обиди за исполнување на лични интереси на поединци – изјави Александра Андреева, член на Упоравниот одбор на Комората на сметководители.