Работна група на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) излезе со свои совети како да се зачуваат работните места во Македонија. Тие изработија извештај за влијанието на ковид-19 врз пазарот на трудот во нашата земја, кој содржи 11 препораки за зачувување на работните места и за заштита на бизнисите.

Воведување привремена проширена поддршка во случај на невработеност, со плаќање паушален износ на месечно ниво, во времетраење од најмногу шест месеци. Воведување проширена категорија на фирми што би се квалификувале за мерките за задржување на работните места, како и проширување на периодот на програмата за задржување на работните места, со вклучување на втората половина од март до крајот на јуни, се дел од мерките за заштитата на работниците и семејствата што ги предлага работната група на МОТ и ЕБОР.

Наедно се предлага и дополнително проширување на критериумите за квалификување за гарантираниот минимален приход и воведување паушален износ на субвенции за режиски трошоци за домаќинствата со ниски приходи.
– Опциите за активни мерки за вработување вклучуваат промовирање шеми за делење на работното место, ротирање на работното место и шеми за стажанти, како и инвестирање во дигиталната економија. Начините за поддршка на претпријатијата вклучуваат поголем пристап до финансии, административна поддршка и социјален дијалог меѓу засегнатите страни – се наведува во извештајот.
Според последните прогнози, ЕБОР очекува пад на економијата во Македонија во 2020 година за 3,5 проценти, додека следната година по заздравувањето економијата да порасне за 5,5 проценти.

Извештајот „Брза процена за влијанието од ковид-19“ е презентиран пред надлежните органи, синдикатите и работодавците. Тој е изработен со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамките на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, имплементиран од МОТ.
– Одредени работни места се ограничени само привремено, додека другите ќе бидат изгубени трајно. Пандемијата сериозно влијае на 82 отсто од претпријатијата. Мнозинството (43 проценти) пријави намалување на приходите за 50 отсто или повеќе, а 11 проценти ја затворија привремено својата компанија. Микрокомпаниите се најтешко погодени од кризата, при што 50 отсто изјавиле дека нивните приходи се преполовиле, а 19 отсто дека ги затвориле деловните активности.

Околу 50 проценти од испитаниците изјавиле дека нивната компанија не може да опстане до третиот квартал без значителни промени во ситуацијата. Помалку од половина (47 проценти) од анкетираните компании имаат пристап до финансиска поддршка за да ѝ помогнат на деловноста да закрепне. Големите компании покажаа поголема еластичност: иако 48 проценти од нив пријавиле пад на приходите за над 50 отсто, 78 проценти посочиле дека ќе можат да пристапат до сопствено финансирање или надворешна финансиска поддршка за време на претстојните месеци – се наведува во извештајот.

Притоа е посочено дека девет сектори се силно погодени од кризата и дека 40.000 работни места се под непосреден ризик, поради што сметаат дека без соодветни мерки за поддршка на работниците и претпријатијата, стапката на вработеност во Македонија може да падне за 5 процентни поени.