Откако премиерот Зоран Заев викендов најави дека веќе од први јули ќе почне повратот на ДДВ, се стекна впечаток дека на процесот веќе се работи, но од Владата и од министерствата посочуваат дека сѐ уште не се утврдени деталите и дека во следниов период ќе се работи на нив
По најавата дека од први јули ќе почне повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ) и за граѓаните, Владата сѐ уште нема конкретни планови како ќе ја спроведе оваа мерка. Во меѓувреме, економските експерти посочуваат дека повратот на ДДВ не е некоја новина и дека се применува веќе со години во европските земји, па доколку Владата навистина сака, има модели што може да ги примени и целиот процес да го започне многу побрзо.
А како што им е познато на повеќето од македонските граѓани, при шопинг направен во некоја од соседните земји како во Грција или во Бугарија на пример, можат да побараат поврат на средствата од ДДВ на специјални места за поврат или, пак, на излез од земјата во канцеларија на границата.
Поврат на ДДВ се применува во многу земји почнувајќи од Германија, Швајцарија, Австрија, Италија, Унгарија, Словенија, Србија… Има разлики само во износот на кој граѓаните можат да побараат поврат на ДДВ.
Во Германија, на пример, за да се побара поврат на средствата уплатени за ДДВ сметката треба да изнесува над 25 евра, додека во Австрија сметката треба да е над 75 евра. Словенија одобрува поврат на ДДВ на купената стока за 50 евра, додека во Хрватска потребно е да се потрошат минимум 67 евра. Соседна Србија, исто така, враќа пари за платен данок, а минималниот износ на кој може да се добие поврат е 150 евра. Во Грција минимум потрошената сума за да се земе поврат е 50 евра, а во Италија – 155 евра. Во Унгарија минимумот е 175 евра во иста продавница и во еден ден. Во Бугарија, минималниот износ што треба да е потрошен изнесува 125 евра.
Тоа е само еден аспект од најавената мерка чии детали Владата допрва ќе ги утврдува, иако, според експертите, тука нема што ново да се измислува. Треба, како што велат, само да се одбере еден од веќе применетите модели и да се спроведува.
Имено, откако премиерот Зоран Заев викендов најави дека веќе од први јули ќе почне повратот на ДДВ, се стекна впечаток дека на процесот веќе се работи, но од Владата и од министерствата посочуваат дека сѐ уште не се утврдени деталите и дека во следниов период ќе се работи на нив.
– Во моментов се работи на моделите, и кога ќе имаме повеќе детали за повратот на ДДВ до граѓаните веднаш ќе бидат соопштени. Се работи на утврдување на постапката и процесите за повратот на ДДВ – кажа владиниот портпарол Миле Бошњаковски одговарајќи на нашите прашања како и каде ќе можат граѓаните да си ги побараат средствата.
Дека моделот и условите за повратот на данокот допрва ќе се договараат говори и вчерашната изјава на министерот за финансии Драган Тевдовски, кој вели дека многу е важно овој процес да се одвива правилно и да нема фискални ризици со поврат на ДДВ за граѓаните.
– За мене е најважно тоа да биде спроведено на правилен начин, сакаме да бидеме сигурни дека нема фискални ризици. Во моментов работиме на тоа, кога ќе ги имаме конечните детали, ќе ги споделиме со јавноста – изјави Тевдовски.
Ветувањето за поврат на ДДВ владејачката гарнитура го даде уште во предизборната кампања, и во неколку наврати премиерот ветуваше дека истиот тој ќе се воведе и дека се прават планови како ќе функционира.
– Една од најважните мерки, која веднаш по 11 декември ќе биде донесена од Собранието и имплементирана од Владата, ќе биде враќање на 15 проценти од данокот на додадена вредност – вети Заев за време на изборната кампања во 2016 година.
Во меѓувреме темата за повратот на ДДВ беше коментирана и во Собранието, но како одговор на пратеничко прашање, и беа споменати различни начини за примена.
– Од 1 јули го почнавме концептот поврат на ДДВ, односно од секоја издадена фискална сметка секој граѓанин ќе има 15 проценти поврат на средствата.
Проекцијата е дека најмалку 150 милиони евра годишно ќе се вратат назад кај граѓаните. Ова е само почеток на економските мерки, не застануваме тука. Ги враќаме парите назад кај граѓаните – изјави премиерот Заев на трибината одржана во Велес насловена „Силна економија – шанса со сите“.