Дополнителна субвенција од два денара за килограм за правни лица откупувачи на сливи регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски мерки, е новата мерка која Владата ја донесе на последната седница за стабилизација на состојбите со откупот на сливите.
Како што соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, мерката важи и за преработувачи и за трговци на сливи, а висината на директни плаќања е два денари по килограм. За земјоделците, потсетуваат, остануваат три денари дополнителни субвенции кои им се исплаќаат за предадени сливи во преработувачки капацитети.
Од Министерството посочуваат и дека не го оправдуваат барањето за исплата пет денари за килограм за слива на стебло.
– МЗШВ смета дека барањето на одредени земјоделци пет денари за килограм во просек за 30.000 килограми на еден хектар за секој производител на слива е уцена. Земјоделците бараат за секој хектар пријавена површина да им се исплатат по 150.000 денари без производителот да ја обере или достави сливата кај откупувачот – се истакнува во соопштението.
МЗШВ наведува и дека ќе го провери тврдењето на земјоделците кои го блокираа патот Струмица-Радовиш дека не добивале кантарни белешки и воедно, ги повикува земјоделците да не наседнуваат на, како што велат, партиски мотивирани протести.