Владината даночна реформа ќе поттикне даночно затајување и ќе го продлабочи јазот меѓу богатите и сиромашните, ќе изврши пенализација на луѓето кои напорно работат за прогрес и повисоки приходи, а ќе ги награди оние што не се трудат со што директно ќе се намали продуктивноста. Реформата ќе доведе до несигурност и кај домашните компании и кај странските инвеститори и нема да оди во линија на подобрување на социјалната еднаквост, туку ќе оди во насока на целосно намалување на продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации, е ставот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).
МАСИТ сугерира, за соодветна и ефективна даночна реализација да се подобри начинот на собирање на даноците со цел целосно искоренување на сивата економија или барем нејзино сведување на минимум. Со контрола на примањата по основ на даноци, смета, ќе се затвори прашањето за постоењето на сиромаштијата во голем степен, а со истата мерка за собирање на данокот од сите даночни обврзници од кои нема даночна реализација, ќе се постави нормален систем во државата и ќе се воведе рамноправен третман кон сите економски оператори.
Воедно предупредува дека прогресивното оданочување ќе доведе до одлив на кадри, особено од ИТ секторот кои се дефицитарни.
-Со предложеното оданочување се дестимулира развојот на висококвалификуваните кадри. Зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации. Наместо фискален ефект, ќе се добие ефектот на даночна непослушност и ќе биде главен двигател на сивата економија. Нискиот степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат ќе донесе до зголемување на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија, велат од МАСИТ.
Комората потсетува дека откако министерот за финансии Тевдовски ги најави даночните реформи, бизнис секторот побара нивно одложување.
-Застануваме зад својот став, во одбрана на создавање подобри услови за работа на бизнис заедницата, посебно на ИКТ секторот и во таа насока повторно бараме одложување на даночните реформи. За да се донесе соодветно решение на вака комплицирана и деликатна тема, претходно требаше да се направат сите напори од страна на државата да се слушне ставот на бизнис заедницата и да се најде соодветно решение, да се земат позитивните примери од другите земји во развој со потпомагање на ИКТ секторот и воопшто бизнис индустријата, наведува МАСИТ.