Секоја трета мала компанија во светот била принудена да отпушти вработени за да остане отворена во мај во услови на пандемија, покажало истражувањето на Фејсбук, истакнувајќи ги тешките последици на пандемијата во светската економија.
Приближно 26 отсто од малите и стедни компании, опфатени со истражувањето, спроведено од Фејсбук во соработка со Организацијата за економска соработка и развој и Светската банка, рекле дека во периодот од јануари до мај биле затворени.
Истражувањето е спроведено од 28 до 31 мај меѓу повеќе од 30.000 сопственици на мали компании од над 50 земји.
Меѓу компаниите кои работеле во време кога е спроведено истражувањето, од нив речиси две третини навеле дека приходите им се намалени во последните месец дена во споредба со истиот период минатата година.
Една третина од помалите компании кои работеле во време кога е спроведена анкетата изјавиле дека биле принудени да го намалат бројот на вработените за да преживеат.
– Пандемијата не е само јавноздравствена туку и економска криза, која исклучително силно ги погодува малите и средни компании – се наведува во извештајот.
Епидемијата на коронавирусот ги принуди владите во светот да воведат карантин, што ја закочи економската активност и турна некои економии во рецесија. Меѓународниот монетарењн фонд проценува дека глобалната економија оваа година ќе се намали за 4,9 отсто.
Истражувањето на Фејсбук покажало дека најтешко се погодени секторите фокусирани на потрошувачите. Околу 54 отсто од туристичките агенции и 47 отсто од малите компании кои работат во угостителството рекле дека не работат во моментот кога се спорведувала анкетата.