Двете најчести причини поради кои фирмите ретко или никогаш не се обраќаат до Државната комисија за жалби по јавни набавки се недовербата и висината на надоместокот за водење на жалбената постапка, но, и покрај тоа, бројот на доставените и уважените жалби во изминативе години се зголемува
СПОРЕД ПОДАТОЦИТЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ГРАЃАНСКИ КОМУНИКАЦИИ И НА БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ
Бројот на жалби што компаниите што учествувале на тендери за јавни набавки ги доставиле до Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН) во последните години се зголемува, објави Бирото за јавни набавки (БЈН). Во согласност со податоците од годишниот извештај на БЈН, се забележува дека покрај растот на жалбите, се зголемил и бројот на уважени жалби. Анализите на јавните набавки што ги прави Центарот за граѓански комуникации, пак, покажале дека мал дел компании се одлучуваат да поднесат жалба до Државната комисија во случаи кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на кои учествувале.
– Според податоците од Државната комисија за жалби, во 2020 година, вкупната бројка на пристигнати и заведени предмети е 1.076 жалби, од кои решени се вкупно 1.037 предмети. Префрлени во 2021 година поради некомплетност на документација се 39. Во 2017 година имало намалување на вкупниот број на примени предмети, кој изнесува 561. По 2017 година се забележува тренд на зголемување на бројот на примени предмети, за во 2020 година тој да се зголемил на 1.076 предмети. Се забележува и зголемување на бројот на уважени жалби, особено во последните три години, за бројот на уважени жалби во 2020 година да изнесува 532 – пишуваа БЈН во својот годишен извештај.
Од Центарот за граѓански комуникации во Извештајот за јавни набавки, каде што покрај анализа на податоците од државните институции, спроведуваат и анкета меѓу компаниите, потенцираат дека многу малку фирми се жалат за тендерите.
– Само 6 отсто од фирмите изјавиле дека секогаш (1 процент) или често (5 проценти) се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаи кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на кои учествувале. Доминантни 96 проценти од испитаните фирми велат дека никогаш (61 проценти) или ретко (33 проценти) доставуваат жалба. Две најчести причини поради кои фирмите ретко или никогаш не доставуваат жалба се недовербата во ДКЖЈН и висината на надоместокот за водење на жалбената постапка што треба да го платат фирмите. Високи 47 проценти од испитаните фирми изјавуваат дека не се жалат бидејќи немаат доверба во надлежната комисија (лани 33 проценти ). На второ место како причина поради која не се жалат е висината на надоместокот, што е проблем за 26 отсто од фирмите (лани 29 проценти). Стравот од реваншизам од договорниот орган против кој се изјавува жалбата е на трето место со 15 проценти (лани 12 проценти) – пишува ЦГК во својата анализа.
Меѓу другото, се посочува дека драстично се намалува и задоволството на фирмите од донесената одлука од ДКЖЈН во случаите кога се жалеле. Оттаму објаснуваат дека за разлика од анкетата направена 2020 година, годинешната покажала дека само 15 отсто од фирмите изјавиле дека се често или секогаш задоволни од одлуката на ДКЖЈН, додека лани 31 процент. Потоа, 85 отсто од фирмите одговориле дека никогаш или ретко биле задоволни од одлуката на ДКЖЈН.
Анализата на ЦГК на постапките пред ДКЖЈН за 2020 година покажала дека продолжува трендот на зголемување на бројот на жалби. Во 2020 година имало раст од 16,3 отсто повеќе од претходната година. Во истиот период, според објавените податоци на веб-страницата на ДКЖЈН, таа донела 1.044 одлуки врз основа на поднесените жалби. Поголемиот дел од жалбите, односно 53,3 проценти од нив се уважени од Комисијата. Од уважените жалби, во 38,6 отсто е донесена одлука за целосно поништување на постапките за јавни набавки.
– За 20.159 тендери објавени на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) во текот на 2020 година, до Државната комисија за жалби по јавните набавки се доставени 983 жалби од фирмите (4,88 процент). Бројот на тендери е намален во однос на претходната година за 10,6 проценти, додека бројот на жалбите е во пораст за 16,3 отсто. Во текот на 2020 година, Државната комисија донела решенија за 1.044 жалби, уважила 556 жалби, што е удел од 53,3 отсто од вкупно донесените решенија. Како неосновани се одбиени 333 жалби, односно 31,9 процент од вкупно донесените решенија.
Поради ненавременост или неуредност на жалбата, неплатен надомест за водење на постапката или ненадлежност на ДКЖЈН, отфрлени се 74 жалби, што е удел од 7,1 проценти. Гледано во однос на претходните години, уделот на уважени жалби бележи пад во однос на претходната година, и тоа за 9,4 процентни поени, додека уделот на одбиените жалби бележи раст од 15,6 процентни поени. Од вкупно уважените жалби (556), во 246 решенија, односно во 44,2 отсто ДКЖЈН донела одлуки за поништување на постапките за јавни набавки наспроти решенијата за укинување на одлуките за избор и за враќање на постапката во фаза на повторна евалуација на понудите, кои се донесени во 310 решенија, односно во 55,8 проценти – се наведува во анализата на ЦГК.
Од Центарот посочуваат дека најголем дел од жалбите, или 76,7 отсто економските оператори ги обжалиле одлуките за доделување договор за јавна набавка, од кои во 61,3 процент во случај кога нивната понуда била отфрлена како неприфатлива, додека во 38,7 отсто кога понудата на друг економски оператор била одбрана како најповолна.