За три години сите компании во светот треба да го заменат актуелниот стандард за заштита при работа ОХСАС 18001 со новиот, понапреден ИСО 45001. Но, во Македонија многу е мал бројот на фирми што го имаат имплементирано и сертифицирано стариот стандард, а уште помал е бројот на оние што се во фаза на имплементирање на новиот стандард. Ова беше истакнато на конференцијата во Стопанската комора на Македонија, од каде што информираа дека новиот меѓународен стандард е објавен во јули годинава. Неговото воведување, како што појаснија, е на доброволна основа, а значи голема придобивка за компаниите зашто овозможува воспоставување, одржување и подобрување на здравјето при работа.
Наменет е за компании/организации со мал или низок ризик на оперативни активности, но и за бизнис со операции од висок ризик. Новиот, понапреден стандард е меѓународно признаен и целосно усогласен и интегриран со стандардот за квалитет ИСО 9001, со ИСО 14001 за животна средина, како и со сите други менаџмент стандарди што во моментот се развиваат.
– Ги повикуваме компаниите и ја нагласуваме потребата од овој стандард особено што земјава е сѐ поистрајна во настојувањето да биде дел од ЕУ, која без преседан, почитувањето и примената на стандардите, секогаш ги става на прво место – истакна Емилија Тодоровска од СКМ. Е.Р.