Кога некој од нашите најголеми трговски партнери е погоден од економска криза, влијанието, меѓу другото, се чувствува во намалување на извозот и зголемување на трговскиот дефицит, кој како клучна компонента во равенката за БДП ќе има негативно влијание врз економскиот пораст
Предупредувањата за можната економска криза во Европа и во светот го наметнаа прашањето дали Македонија може да остане имуна на глобалните кризи, особено во услови кога нејзината економија сѐ уште трпи последици од неодамнешната политичка криза, што резултира со намален економски пораст.
Деспина Туманоска, координаторка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека искуството покажало дека Македонија не е имуна на економските кризи што го погодуваат светот.
– Постојат повеќе канали преку кои една економска криза индиректно се пренесува во земјава. На пример, наши најголеми трговски партнери се Германија, Велика Британија и Грција. Кога некоја од овие земји, во случајов Германија, е погодена од криза, влијанието се чувствува во намалување на извозот и зголемување на трговскиот дефицит на земјава – смета Туманоска.
Таа додава дека зголемениот трговски дефицит, пак, како клучна компонента во равенката за БДП ќе има негативно влијание врз економскиот пораст.
– Политичката криза што неколку години владееше во земјава ја поткопа економијата. Неколкуте години неизвесност што ќе се случуваа во земјава, одвратија голем број странски инвеститори и забавија многу економски процеси што се случуваат во една стабилна економија. Неопходна е итна стабилизација, најпрво преку враќање на довербата и зајакнување на владеењето на правото, едни од главните очекувани придобивки од придвижувањето на евроинтеграциските процеси. Само така може да ја вратиме економијата на правилниот пат – објаснува Туманоска.
Професор Абдулменаф Беџети неодамна истакна дека нашата политичка криза, која беше предолга и структурална, има доминантно негативно влијание врз економијата, исто како и ад хок политичките кризи.
– Многумина велат дека и нашата економија структурално е навикната на политички и економски кризи, бидејќи сме виделе и порадикални од типот на внатрешни војни, меѓутоа сметам дека природата на нашата политичка криза беше подлабока, бидејќи е институционална. Нашата економија има одредено повисоко ниво на имунитет во однос на која било од развиените економии. Но нашата економија, сепак, не е индиферентна во однос на случувањата во светот – смета Беџети.
Според него, Македонија и политички и економски e зависна од меѓународното опкружување.
– Обично малите држави, а особено малите економии, се диспропорционално зависни од меѓународното опкружување, т.е. имаат повисок степен на зависност и ограничени сопствени внатрешни ресурси – нагласува Беџети.
Како што вели тој, ако дојде до позначителна светска економска криза, тоа може да предизвика ранливост и за нашата земја.
– Не се потребни стратегии за во рафтови, туку прагматични мерки, за да ја зајакнеме економијата, започнувајќи од структурните реформи, па до поддршката на секторите и проектите каде што има таков потенцијал како лесната преработувачка индустријата, енергетиката и екологијата, ИКТ-секторот, образованието и здравството. Тие би биле најбрзорастечки сектори и проекти откако би се реконструирале институциите, судството, јавната администрација – истакна Беџети.
Експертите прогнозираат дека може да се почувствуваат минимални последици и препорачуваат внимателно следење на ситуацијата во Европа и во светот, како и навремена реакција. Македонската економија е со позитивен пораст, но кризата во еврозоната треба внимателно да се следи, предупреди универзитетскиот професор Томе Неновски, кој смета дека случувањата во Унијата може но не мора да нѐ погодат, бидејќи сѐ зависи од тамошните пазари.
Имено, Меѓународниот монетарен фонд предупреди на можна економска криза, со оглед на тоа дека развојот на глобалната економија не ги исполнува ветувањата.
– Проблемот е во тоа што гледаме дека економијата се развива многу побавно отколку што очекувавме – нагласи директорката на ММФ, Кристин Лагард.
Во текот на минатиот месец, ММФ ги намали прогнозите за развој на глобалната економија за оваа година од 3,7 отсто на 3,5 отсто.
Според Лагард, има неколку фактори што ја нарушуваат глобалната економија и може да доведат до економска криза.
– Меѓу тие ризици се и трговските тензии, воведувањето санкции, финансиските проблеми, несигурноста околу исходот на брегзит и забавениот пораст на економијата на Кина – објасни Лагард.
Таа нагласи дека трговските тензии, главно во облик на спорот околу царините помеѓу САД и Кина, веќе имаат влијание.
И нобеловецот Пол Кругман предупреди дека големи се шансите дека светската економија ќе биде зафатена од рецесија до крајот на годината.
Експертите велат дека во Европа може истовремено да избијат неколку кризи во 2019 година и дополнително да го нарушат економскиот развој. Сѐ уште не е јасно дали ќе има брегзит со или без договор, но со сигурност ќе биде проблем за британската и европската економија, со тоа што ќе ги уништи воспоставените производствени структури што бараат скапи мерки за приспособување на компаниите и ќе предизвика проблеми за потрошувачите. Исто така актуелен е и навидум авантуристичкиот пристап на италијанската влада кон економската политика, што може да предизвика нова криза со еврото.