Во Македонија немало истражување со кое ќе се направи споредба меѓу квалитетот на производите што се продаваат кај нас и во некоја од земјите-членки на Европската Унија, но граѓаните со години укажуваат дека продуктите од ист бренд што ги купуваат во странство се поквалитетни отколку во земјава
Европските компании со поголемо производство и поголем профит, почесто пласираат производи со двоен квалитет на пазарот, односно, производите со полош квалитет ги праќаат на таканаречениот источен пазар. Тоа го покажала најновата студија за пласманот на на изглед исти производи со различен квалитет, за која деновиве се расправало во Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачи при Европскиот парламент. Студијата на Европската комисија, всушност, уште еднаш го потврди она што хрватската европарламентарка Биљана Борозан со години го тврдеше, во рамките на нејзините настојувања за изедначување на квалитетот на производите на ниво на Европската Унија, при што успеа да докаже оти многу производи што се продаваат во Хрватска се со полош квалитет отколку во некои западноевропски членки на Унијата.
Во Македонија нема истражување со кое ќе се направи споредба меѓу квалитетот на производите што се продаваат кај нас и во некоја од земјите членки на Унијата, но граѓаните со години укажуваат дека продуктите од ист бренд што ги купуваат во странство се поквалитетни отколку оние што ги купиле во земјава.
– Истражувањата што покажаа дека иако се во иста амбалажа, сепак, производите на различни пазари во ЕУ се со различен квалитет, наметнаа нова регулатива во ЕУ позната како нов договор, со кој се дефинираат нечесните пазарни практики, а токму двојниот квалитет е опфатен со тие нечесни пазарни практики. Македонија, како земја што претендира да биде членка на Унијата, ќе треба да го воведе овој нов договор во своето законодавство, но за да се докаже нечесна пазарна практика, треба секоја држава одделно да спроведе истражување и преку судска постапка да докаже дека производите се со различен состав – објаснува Марјана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Таа додава дека разликата во составот не значи измама, бидејќи во секоја декларација си пишува што има во составот на производот, туку дека со нечесната пазарна практика се укажува дека еден производ, иако има иста амбалажа, сепак, има различен состав од една до друга држава. За да се докаже ваквата состојба треба да се направат сеопфатни истражувања, за кои се потребни големи финансии, кои, според Лончар, би требало да ги спроведат државни или национални институции, чија дејност е од областа на заштитата на правата на потрошувачите.
– Вакво истражување бара почитување сложена процедура, која треба да се направи по соодветна методологија и за која, исто така, се потребни големи финансии, бидејќи ќе треба да се купат производи од ист производител од повеќе земји и потоа да се тестираат во акредитирани лаборатории. Но, сепак, отстапките од составот ќе треба да се докажуваат на суд – додава Лончар.
Инаку, на расправата на Комитетот за внатрешниот пазар и заштита на потрошувачите при Европскиот парламент, присуствувала и Борзан, чии активности најмногу се насочени кон подобрувањето на квалитетот на производите и на нивна еднаква достапност за сите европски граѓани.
– Многу ми е криво што оваа студија не ни беше достапна додека ги водевме битките за изедначување на квалитетот на производите во Европската Унија (ЕУ). Поточно, со оваа студија, двата аргумента што индустријата ги искористи за да го оправда пласманот на производи со лош квалитет во некои земји-членки, паднаа во вода. Првиот аргумент, дека различниот состав и квалитет се резултат на различните желби и преференции на потрошувачите во различни земји-членки, е разнишан, бидејќи најновата студија покажа дека повеќето од испитаниците, односно потрошувачите, посочиле дека повеќе им се допаѓаат производите што се продаваат во земјите-членки на Унијата, отколку истите производи во нивните матични земји. Другиот аргумент, кој исто така пропадна, беше дека во некои земји стандардот на граѓаните е помал, поради што производителите мораат да направат поевтини продукти што тие потрошувачи ќе можат да си ги дозволат, а со тоа и да го намалат нивниот квалитет. Оваа студија покажа дека влијанието на квалитетот врз цената е многу мало – објаснува Борзан.
За потсетување, истражувањата што ги направен Борзан, во соработка со хрватската агенција за храна, откриле дека некои производи на хрватскиот пазар биле полоши од оние пласирани на германскиот пазар. Како особено загрижувачки биле посочени примери на храна за бебиња, кои биле помалку здрави во Хрватска или, пак, продукти од преработка на месо, кои во Хрватска воопшто немале месо, за разлика од германскиот производ. Таа студија беше главен аргумент во преговорите за забрана на ваквите практики во ЕУ.
– Исто така, сега се покажа и дека кај компаниите што остваруваат сѐ поголема и поголема добивка има поголема веројатност да пласираат производи со двоен квалитет на пазарот. За да се бориме со ваквите учесници во пазарот, треба да ги зајакнеме пазарните инспекции, националните регулаторни тела и, се разбира, потрошувачите – дополни Борзан.