ЗАСТРАШУВАЧКИ ПРОГНОЗИ НА РЕЛЕВАТНИ
СВЕТСКИ ОРГАНИЗАЦИИ И НА ЕКСПЕРТИ
Ковид-19 предизвика тешка економска рецесија во светот, но климатските промени ќе влијаат на економијата поради намалените приноси во земјоделството, поради миграцијата, намалената продуктивност поради тешките услови за работа, губењето на производствениот капацитет поради оштетување на капиталот и инфраструктурните објекти, но и намалената побарувачка за одредени стоки и услуги, како што се месо, облека, патување со авион
Пандемијата на ковид-19 предизвика тешка економска рецесија во светот, но многу покатастрофални ефекти за економијата би можеле да имаат последиците од климатските промени што во изминатиов период стануваат сѐ поочигледни насекаде низ светот. Ако се потврдат глобалните прогнози, на светот му претстои уште посериозен предизвик, многу потешки економски, но и социјални и здравствени последици на многу подолг период.Релевантни извори како Светската банка, Светската здравствена организација, ЕУ велат дека кризата предизвикана од пандемијата не го погоди светот во економскиот раст, туку во стагнацијата. По глобалното економско забавување во текот на 2019 година што доведе до стагнација на берзата и на потрошувачката активност, епидемиолошките мерки воведени поради ковид-19 ја доведоа глобалната економија во криза. Институциите велат дека за седум месеци, сите водечки светски економии се соочија со рецесија, придружена со брз раст на невработеноста во многу земји.
Вирусот бил повод, но не и причина за економската криза
Во однос на тоа, заменик-гувернерката на хрватската Народна банка, Сандра Шваљек, излезе со став дека вирусот бил повод, но не и причина за економската криза.
– Остриот пад на економијата се случи поради реакцијата на владите за ширење на вирусот, односно преземање мерки за ограничување на социјалните контакти и забрана на одредени економски активности, со цел да се ограничи ширењето на вирусот и да се спречи колапс на здравствениот систем, во сегашната, пандемиска криза, економијата е во еден вид индуцирана кома. Но, сепак, во голема мера економијата релативно брзо може да се врати на нивото на активност од пред пандемијата – соопштува Шваљек.
Таа додава дека климатските промени ќе предизвикаат значително поголема материјална, социјална, економска и здравствена штета низ целиот свет во наредните децении од пандемијата на ковид-19.
– Климатските промени ќе влијаат на економијата поради намалените приноси во земјоделството, поради миграцијата, намалената продуктивност поради тешките услови за работа, губењето на производствениот капацитет поради оштетување на капиталот и инфраструктурните објекти, но и намалената побарувачка за одредени стоки и услуги, како што се месо, облека, патување со авион, предизвикани од зголемената свест за потребата од ублажување на климатските промени – објаснува Шваљек.
Според неа, климатските промени немаат само негативни економски последици, тие можат да придонесат за отворање работни места, или поради создавање цел спектар нови активности во таканаречената зелена економија или поради зелената трансформација на постојните активности.
Дали стопанството е способно за трансформации
Претседателот на еколошкото здружение „Гоу грин“, Антонио Јовановски, е согласен дека климатските промени влијаат врз економијата и вработувањата, а особено врз целокупната инфраструктура.
– Климатските промени претставуваат закана за економијата и за одржливиот развој на нашите општества во иднина. Во поглед на економскиот развој, намалувањето на јаглеродните емисии ќе ги засегне постојните индустрии и ќе претставува закана за работните места. Но од друга страна, мерките за ублажување и приспособување кон климатските промени ќе овозможат отворање нови работни места во постојните и новите сектори во општеството. Брзиот развој на секторите за обновлива енергија и енергетска ефикасност доведува до недостиг од обучени кадри што би можеле да го продолжат развојот – посочува Јовановски.
Македонија, како земја во развој, и понатаму ќе ги чувствува штетите од пандемијата
Според Народната банка на Македонија, влијанието на ширењето на новиот бран инфекции со коронавирусот, наметна потреба од повторно активирање на дел од рестриктивните мерки за заштита на јавното здравје, што се одрази неповолно врз работењето на секторите и врз динамиката на целокупното економско закрепнување.
– Неизвесноста и ризиците околу изгледите за растот и натаму постојат, но во глобални рамки тие се оценуваат како избалансирани. За земјите во развој каде што спроведувањето на имунизацијата се одвива побавно, ризиците се понагласени, во согласност со опасноста од ширењето нов бран на пандемијата предизвикан од новите соеви на коронавирусот – велат од Народната банка.
Оттаму додаваат дека на годишна основа, проекцијата предвидува раст на БДП од 3,9 отсто во 2021 и 2022 година, како и раст од 4 отсто во 2023 година.
– Појавата на новите варијанти на коронавирусот ја зголемува загриженоста околу идниот развој на пандемијата и закрепнувањето на глобалната економија. Понатаму, евентуалното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови го зголемува ризикот за земјите со зголемена потреба за екстерно финансирање или зголемено ниво на долг. Во моментот кога здравствените параметри ќе дозволат нормализација на економската активност на поодржлива основа, се очекува постепено намалување на програмите за поддршка на домаќинствата и на бизнисите, но секое предвремено повлекување на мерките за економска поддршка би можело да предизвика натамошно влошување, како и подолготрајни негативни ефекти врз пазарот на трудот и врз потенцијалот за раст на економиите – споменуваат од Народната банка.
Се развива свесноста за опасностите од климатските промени
Надлежните од нашата Народна банка потенцираат дека пандемијата не е единствен ризик во светот и во Македонија, климатските промени се една од најголемите глобални закани и добиваат сѐ поголемо значење и во активностите на централните банки, при што тие, во последните години, сѐ повеќе го анализираат влијанието на климатските промени врз финансиската стабилност и монетарната политика.
– Ја развиваме и свесноста за климатските промени, како една од најголемите глобални закани и како општествено одговорна институција, наша посебно издвоена стратегиска цел е давањето придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и подобрување на нивниот животен стандард. Овие предизвици ќе го зајакнат финансискиот екосистем, но истовремено ќе ја изменат и неговата структура. Народната банка, чија посредна цел е одржлив економски раст, ќе треба да го процени нивното збирно влијание врз финансиската стабилност, трансмисијата на монетарна политика и економскиот раст – потенцираат од НБРСМ.
Тие велат дека во следниот тригодишен период, прашањата за климатските промени и нивните ефекти врз економијата ќе бидат дел од истражувачкото портфолио на Народната банка, како и дел од водењето на монетарната политика. Исто така, тоа подразбира и анализа на влијанието на ризиците што произлегуваат од климатските промени врз банкарскиот систем.
Кој е вистински концепт за мерење на благосостојбата во едно општество
Здравко Савески, економски аналитичар, е дециден дека колку подоцна се преземаат мерки за справување со климатската криза, економскиот трошок за справување со последиците од различните непогоди што нѐ чекаат во скорешна иднина ќе бидат сѐ поголеми.
– Притоа, ударот врз животниот стандард на граѓаните исто така ќе биде сѐ поизразен. Не само што ќе има сѐ повеќе луѓе чии куќи ќе бидат уништени во пожарите и поплавите, туку зборуваме за сериозно зголемување на цената на храната – објаснува Савески.
И како што додава тој, во крајна линија климатската криза не мора да го намали БДП, но ќе покаже колку тоа е надминат концепт за мерење на кондицијата на благосостојбата во едно општество.
– Ние во Македонија многу доцниме зад современата економска мисла. Мора да се проблематизира концептот на БДП, мора да се стремиме кон одржлив развој наместо кон економски раст, бидејќи растот не гарантира развој во државата – потенцира Савески.