Планираните капитални расходи се високи и секоја година има подреализација на капиталните инвестиции, а за надминување на овој проблем е потребно да се зајакнат неколку механизми, како ревидирање на методот на проекција, започнување со имплементација на среднорочно буџетирање и поголема координација помеѓу секторите и одговорните институции во овој процес
Слабата реализација на капиталните инвестиции во 2018 година се покажа како ограничувачки фактор за економскиот пораст. Бројките покажуваат дека и во првиот квартал од оваа година продолжува трендот на катастрофална реализација на капиталните инвестиции. За три месеци се потрошени 26 милиони евра од вкупно планираните 423 милиони, што е само 6,2 отсто од планираните пари за патишта, железница, водоводи, канализации, брани, системи за наводнување, гасификација. Овие податоци се полоши во споредба со истиот период лани, кога во првите три месеци во 2018 година биле реализирани 7,46 отсто од предвидените пари за капитални инвестиции, а во истиот период во 2017 биле реализирани 18,75 отсто од парите. Во 2018 година Владата успеа да потроши само 65,6 отсто од парите. Прашањето е како нашата држава очекува да има повисок економски раст и развој, ако планираните капитални инвестиции не се реализираат стопроцентно. Според упатените, лошото планирање на парите за капитални инвестиции и лошата техничка реализација се едни од причините зошто се потрошени само малку пари од планираните за крупни проекти.
– Мора да се реализираат најавените капитални инвестиции, бидејќи ако тие повторно изостанат, не може да се очекува голем економски пораст. Од друга страна, мора да се работи и на други мерки што ќе бидат насочени кон подобрување на условите за развој на економијата – посочува економскиот професор Трајко Славевски.
Тој додава дека не е битно само што се најавува и износот на инвестицијата, туку многу е поважна реализацијата.
– Ова се потврди и во годината што измина, при што слабата реализација на капиталните инвестиции се покажа како ограничувачки фактор за економскиот пораст. Сега останува да се види дали Владата ќе успее да го подобри капацитетот за реализација и менаџментот со капитални проекти кај буџетските корисници, кој е далеку под потребното ниво – вели Славевски.
Директорката на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, Благица Петрески, истакна дека потенцијални фактори за слабата реализација на капиталните инвестиции се несоодветно планирање, недоволен технички капацитет за реализација и недостиг од контрола и поттикнување на реализацијата.
– Проблемот на планирањето се провлекува подолг период. Секоја година проекцијата на капиталните расходи е висока, и секоја година има подреализација на капиталните инвестиции. За надминување на овој проблем е можно да се зајакнат неколку механизми, како ревидирање на методот на проекција, започнување со имплементација на среднорочно буџетирање и поголема координација помеѓу секторите и одговорните институции во овој процес – нагласува Петрески.
Во однос на техничките капацитети за реализација на капиталните инвестиции, таа вели дека најверојатно недостатокот е во процесот на спроведување на тендерските постапки, како и поради страв од преземање одговорност по сите тие постапки.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека е потребна капитална инфраструктура, а сѐ друго треба да се остави за време кога ќе има поинтензивна економска динамика, што засега, со овој годишен економски пораст, не може да се направи.
– Подобро зголемен дефицит од оправдани и продуктивни јавни расходи, кои не само што ќе поттикнат пораст туку ќе поттикнат и пораст на потенцијалот, отколку државата да има намален дефицит на штета на капиталните и продуктивните инвестиции – појаснува Беџети.
За слабата реализација на капиталните инвестиции алармираа и од Стопанската комора на Македонија. Луѓето од бизнисот истакнаа дека инфраструктурата е основен предуслов за нивен развој.
– Потребно е да се реализира сто проценти од планираното во годинашниов буџет. Власта и минатата година уверуваше дека проектите забрзано ќе се завршуваат, но тоа до крајот на годината не се оствари. Минатата година заврши со најкатастрофалната реализација на капиталните инвестиции во последната деценија – објаснуваат од комората.
Премиерот Зоран Заев најави дека на средина на годината ќе има ребаланс на буџетот, но дека тоа немало да биде поради потфрлањето со капиталните инвестиции, туку поради добрата наплата на приходите. Минатата година парите предвидени за инфраструктурни проекти не се потрошија, па со ребалансот на буџетот при крајот на годината беа пренаменети за покривање на дупките во општинските буџети.