Операционализацијата на мерките за поддршка на економијата мора да биде итна, навремена, многу ефикасна и средствата мора брзо да стигнат до компаниите, со минимизирање на бирократските и административни процедури, за да не се наруши ликвидноста, предупредуваат експертите
КОРОНА-КРИЗАТА ПРЕДИЗВИК И ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА
Колку новите владини пакет мерки за поддршка ќе им помогнат на компаниите да ги зачуваат ликвидноста и вработените? Дали овие пакет мерки ќе бидат доволни за да се спречи пропаѓање на компаниите, особено на малите претпријатија, и дали во иднина може да се очекуваат нови мерки за економска поддршка? Последниот сет мерки, кои беа најавени, за дел од коморите и бизнис-заедницата не се доволни и укажуваат дека има опасност некои компании целосно да замрат поради новонастанатата состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Експертите, пак, се поголеми оптимисти и укажуваат дека мерките ќе им помогнат на дел од компаниите, но апелираат средствата побрзо да се исплаќаат за да се одржи ликвидноста на фирмите.
– Мерките генерално се коректно дизајнирани за моменталниот шок со кој се соочени компаниите. Некои од мерките што се насочени за поддршка на платите на вработените, ќе им помогнат на оние компании што беа оневозможени тековно да ја извршуваат својата активност поради воведените мерки. А најпогодените сектори се и најранливи, гледано од аспект на бројот на вработени, неформално ангажирани и тоа се доминантно микропретпријатија со по најмногу десет вработени – објаснува Благица Петрески, главна економистка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Петрески истакна дека сега е многу важно предвидените средства за компаниите што побрзо да стигнат до нив.
– Поради релативно задоцнетата најава на мерките, операционализацијата мора да биде многу ефикасна, навремено да стигнат средствата до компаниите, со минимизирање на бирократските и административни процедури, за да не се наруши ликвидноста. Еден од недостатоците на овој план е што мерките не се придружени со план за финансирање, од кои извори ќе се финансираат овие мерки и колку вкупно средства ќе бидат потребни затоа што ефектот на мерките не е ист, и треба алокацијата да биде најголема кон оние мерки со најголем ефект – нагласи Петрески.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија, пак, објаснуваат дека досегашните мерки не се доволни.
– Владата објави два пакета економски мерки, кои се недоволни и кои нема да ги постигнат очекуваните резултати, од таа причина остануваме на нашите барања, а во меѓувреме на секое претпријатие му препорачуваме да си преземе индивидуално деловно планирање за спас и за опстојување – велат од Сојузот на стопански комори.
Оттаму бараат Владата да одобри поддршка од 100 отсто од нето-платата за следните 3 месеци, да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните 3 месеци, правните лица што се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година, мораториум на сите казнени камати, како и на камати на задоцнето плаќање на обврски за следните 6 месеци…
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, посочи дека компаниите не се задоволни од мерките и истакна дека повеќето дел од компаниите работат со скратен капацитет и со редуцирано работно време.
– Мерките не се носат експедитивно, се носат бавно, а бизнисот очекува побрзи реакции од Владата. Заостануваме со мерки, не само во споредба со големите економски сили туку и со мерките спроведени во земјите од регионот. Прашањето е колку државата има моќ и финансии да го користи буџетот за да се одржат компаниите – вели Хоџа и додава дека има компании, кои имаат побарувања од државните институции и дека и тие треба да се расчистат.
По кризата за Македонија може да се отвораат нови можности и перспективи
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, истакнува дека не може да се предвиди колку ќе трае кризата и кога точно ќе заврши, бидејќи експертите за стопанство од Германија предвидуваат различни сценарија за кризата.
– Сметам дека по секоја криза се отвораат нови можности и перспективи. По кризата, сметам дека ќе има нова поставеност во глобалните синџири на доставувачи. Тоа ќе претставува одлична можност за земја како Северна Македонија, врз основа на својата близина до европскиот пазар, да игра значајна улога во глобалниот синџир на доставувачи и да стане уште поатрактивен пазар за странските инвеститори – истакна Мартенс.
Во СКМ стравуваат дека товарот ќе падне врз стопанството
Според првичните оцени на претставниците на Стопанската комора на Македонија, последниот сет на владините економски мерки е насочен пред сѐ кон зачувување на нископлатените работни места, но конечни оцени за нив ќе имаат по анкетирање на своите членки. Засега наведуваат оти е „јасно дека неповолните економски случувања негативно се одразуваат на буџетот. Владата располага со ограничени финансиски ресурси и тоа е факт што влијае на дизајнот на мерките. Имајќи го предвид ова, споредбите со други земји што имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат“.
– Во услови на висок степен на неизвесност за тоа што носи иднината во поглед на рестартирањето на економијата и полнењето на буџетот на државата, нашата перцепција е дека Владата се подготвува за креирање финансиски капацитет што ќе може да ги поддржува економските мерки и во малку подолг временски период. Претпоставуваме дека ова не е последниот сет на мерки и дека ќе следуваат нови штом државата ќе обезбеди финансиски средства по пат на позајмување. Доколку не се случи тоа, тогаш товарот од кризата во најголем дел ќе падне на приватниот сектор. Досегашните мерки се примарно насочени кон зачувување на нископлатените работни места – вели Зоран Јовановски, советник во СКМ.