Ефектите од намалувањето на сивата економија се значителни за сите, државата ќе добие повеќе даноци и придонеси, компаниите што работат легално ќе ја намалат нелојалната конкуренција, а граѓаните ќе живеат во поправичен систем, каде што секој ќе заработува толку колку што му следува
Кризата од ковид-19 дополнително ги зголемува ризиците од пораст на сивата економија и последиците од кризата врз претпријатијата и лицата што се во сивата економија. Имено, во Македонија, како и во другите земји од регионот на Западен Балкан, учеството на претпријатија, самовработени и лица што работат а кои не се пријавени е повисоко отколку во земјите од ЕУ. Сивата економија има негативно влијание врз наплатата на јавните приходи, а со тоа и врз квалитетот и достапноста на јавните услуги, т.е. има намалување на буџетските средства за образование, здравство, социјални бенефиции, култура и сите други услуги обезбедени од државата. Нејзиното постоење е пречка за позначителен економски раст и градење подобар квалитет на живот за секој граѓанин.
– Македонија со години се соочува со големо учество на сивата економија во вкупните економски активности во земјата и освен што тоа го констатираме сите и укажуваме на нивното негативно влијание на економијата, многу малку сме направиле таа да се намали – смета Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.
Тој вели дека борбата со сивата економија треба да се води паралелно во две насоки, првата е одредени погодности за формализација на нерегистрираните деловни субјекти, а втората е зајакнување на капацитетите на инспекциските органи, брзи и ефикасни судски постапки и разврска на судските случаи од кој било вид.
– Потребни се ефикасно следење на неформалните активности и унапредување на ефикасноста за нивна детекција и преземање мерки за нивно спречување. Потребно е при секое менување на законските прописи што се поврзани со сивата економија, трудовото право, даночните прописи, регистрација на бизнисите и други прописи, да се размислува како тие ќе влијаат на сивата економија – појаснува Димитров.
Според него, институциите наместо да ја префрлаат вината, треба да се поврзат и да се координираат во своите активности за поголема ефикасност во борбата со сивата економија.
– Ефектите од намалувањето на сивата економија се значителни за сите, државата ќе добие повеќе даноци и придонеси, компаниите што работат легално ќе ја намалат нелојалната конкуренција, а граѓаните ќе живеат во поправичен систем, каде што секој ќе заработува толку колку што му следува – нагласува Димитров.
Како што вели професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, овој економски феномен го намалува материјалниот раст на една национална економија.
– Кај нас се смета дека таа изнесува околу 35 отсто или, пак, една третина од БДП. Најниско во Западна Европа е во Швајцарија, Австрија и во Германија, од 8 до 10 отсто. Реформите во оваа област треба да се насочуваат кај институциите и институционалниот капацитет за перманентен мониторинг и контрола. Прашањето е како да се справиме со овој структурален и ендоген феномен за да почне нејзиното редуцирање – истакнува Беџети.
Формите на сивата економија, упатува тој, се најразлични, од даночни евазии, непријавени вработени, злоупотреби на јавни ресурси, па до нерегистрирани разни активности, кои се случуваат пред институциите.
Сивата економија е редовна критика во извештаите на европските, но и другите меѓународни политички и финансиски институции, не само за развој на домашната економија туку и за привлекување на странските инвеститори.