Откако компаниите од технолошко-индустриските развојни зони станаа носители на извозот, неминовно се наметна и прашањето како да се дојде до неговата диверзификација заради вклучување на што повеќе сектори и што повеќе компании, пред сѐ домашни, кои, сепак, би требало да бидат носители на одржлив економски развој
Еден од моделите за раст на домашната економија, според универзитетските професори, е зголемување на извозниот потенцијал на компаниите. Но во последните години се промени структурата на извозот и се забележува дека во истата таа најголемо учество имаат производи на компании што се поврзани со автомобилската индустрија, главно странски компании, кои имаат отворено свои погони во земјава. Токму ваквата промена во извозните перформанси го наметнува прашањето како може дополнително да се поттикнува извозот, кои други области во земјава имаат можности за раст на извозот, но и како да се дојде до поголема вредност на извозните продукти? Конечно, се поставува и прашањето кои други сектори можат позитивно да влијаат врз домашниот извоз и како да се дојде до зголемување на извозното портфолио на земјава? Стопанствениците сметаат дека во одговорите на сите овие прашања, клучното место треба да го има државата.
– Kлучни причини за ниската извозна активност во нашата држава се малиот број домашни извозни компании, малиот број извозни производи, кои доминантно се производи со ниска додадена вредност и степен на финализација, и малиот број пазари каде што извезуваат домашните компании. Политиката на привлекување странски инвеститори во земјата даде резултат и присуството на странските компании во ТИРЗ-овите обезбеди извесна трансформација на економијата од производи со пониска, кон производи со повисока додадена вредност, но сепак, со исклучок на неколку производи што се со повисока додадена вредност, а кои се сконцентрирани во индустријата на автомобилски делови, сѐ уште доминира традиционалното производство.
Соодветно на претходното, главен приоритет во надминување на погореадресираните предизвици со кои се соочува извозниот сектор, како главен потенцијален мотор на идниот економски раст на земјата, е иницирање на процесот на извозна диверзификација преку зголемување на бројот на извозни компании, бројот на извозни производи и бројот на извозни пазари со истовремено преструктурирање на извозот – велат претставниците на Стопанската комора.
Во анализите на упатените, неминовно се поставува и прашањето за можностите за зголемување на извозниот потенцијал на другите сектори.
– Близу 80 проценти од вкупниот извоз на земјата се пласира во само 10 земји. Неопходно е во иднина да се насочат економските и индустриски политики кон поддршка на оние индустриски сектори за кои е идентификувано постоење на потенцијални компаративни предности и развојни потенцијали, да се мапираат стратегиски сектори, потсектори и производи за кои земјата има потенцијални компаративни предности. Во согласност со истражувањата на Стопанската комора на Северна Македонија, ваков потенцијал постои во агросекторот, металопреработувачката индустрија, во индустријата на автомобилски делови и во машинската индустрија – истакнуваат од СКСМ.
Претставниците на Комората сметаат и дека при анализи на извозот од земјава треба да се утврди и дали истиот тој го прават странски или домашни компании, нагласувајќи дека државните институции треба да им дадат „ветар во грб“, пред сѐ, на домашните компании за да се постигне одржлив економски развој.
– Извозот забележа пораст во првите месеци на 2021 во споредба со истите од претходната година. Структурата на извозот покажува кои сектори и категории забележале успех, но фокусот треба да биде на тоа кои се тие сектори и дали тоа се домашни компании или се компаниите од странските инвестиции. Директните странски инвестиции придонесуваат кон намалувањето на невработеноста и кон борбата против сиромаштијата, но сепак домашните компании се тие што почесто ги реинвестираат средствата и добивката во земјата, со што ја помагаат и развиваат економијата. Домашните производители треба да бидат во центарот на вниманието од страна на институциите, бидејќи само со нивното зголемување и развој може да се постигне одржлив економски развој, а со тоа и зголемување на конкурентноста – истакнуваат од СКСЗМ.
Инаку, неодамнешната анализа на извозот на компаниите што работат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) покажала дека во првиот квартал од годинава извозната активност достигнала 776 милиони евра, што е за 30 проценти повеќе од истиот период во 2020 година. Оттаму нагласуваат дека компаниите што се активни во зоните и понатаму се носители на извозот со над 48 отсто учество во вкупниот извоз, што е највисок процент досега.