Важно е да се задржат работниците, бидејќи имаме вложено во нивните знаења. Ако сега ги отпуштиме, кој ќе ни гарантира дека по три или шест месеци тие ќе бидат присутни на пазарот на труд или дека ќе ги донесеме кај нас, објаснуваат работодавците
Работа од дома, користење колективен одмор, намален обем на работа, запирање производствени процеси, но и престанок на одредени работни договори, се причини поради кои граѓаните ги губат своите приходи. Сето тоа се промени што настанаа поради пандемијата на коронавирусот. Иако некои од компаниите не се предаваат и понатаму продолжуваат да работат во вонредни услови, има и такви што се на колективен одмор, во исчекување да помине кризата. Големи компании веќе најавија затворање на вратите и паузирање на производството најмалку три недели. Сите тие промени ќе влијаат врз обемот на производството и воопшто врз економијата во земјава, а стопанствениците сѐ погласно бараат помош од државата. Но во целава ситуација има и оптимисти.
– Компанијата продолжува со производството, подготвува различни сценарија во согласност со ситуацијата, но не ја исклучува и можноста за затворање. Фокусот треба да биде ставен кон креирање краткорочен план за следните три месеци и наоѓање оптимални мерки, а не максимални. Сметам дека моменталната ситуација може да претставува и можност за нас како фабрика, дел од производството од позагрозените земји во рамките на корпорацијата да се префрли кај нас, што, од друга страна, позитивно ќе се одрази на домашната економија – вели Сашко Наков, генерален менаџер на „Амфенол техолоџи Македонија“.
Сепак, претставниците на Стопанската комора на Македонија (СКМ) истакнуваат дека во овој период, поради зголемениот број проблеми во транзитот на стоката, имаат значително зголемена комуникација за надминување на тешкотиите. Истакнуваат дека во постојниот период се насочени и кон компаниите членки на Советот на странски инвеститори при Комората.
– Имајќи го предвид нивното релативно значење за вкупниот македонски извоз, бројот на вработени во овие компании и фактот дека тие апсорбираат значаен дел од работната сила надвор од Скопје, важно е да се знае што ќе се случува во наредниов период и во овој сегмент на македонската економија. Глобалните случувања наметнаа прекин на работата на компаниите од автомобилската индустрија низ светот. Во такви околности и компаниите во земјава се принудени целосно или во најголем дел да го прекинат производството, во период од најмалку неколку недели – истакнуваат од СКМ.
Оттаму додаваат дека, и покрај неповолните случувања, во овие компании нема најави за отпуштање работници, туку во овој период дел од нив го користат за обуки или, пак, за неискористен редовен годишен одмор, а во одредени ситуации и за принуден одмор.
– Нашата работа е реорганизирана, и сега работиме пет дена во неделата во две смени по шест часа, наместо континуирано по седум дена во неделата, 24 часа во денот.
Отпуштања нема да има, ќе дојде период кога ќе треба да се вратиме во целосно производство. Според мене, важно е да се задржат работниците, бидејќи имаме вложено во нивните знаења. Ако сега ги отпуштиме, кој ќе ни гарантира дека по три или шест месеци тие ќе бидат присутни на пазарот на труд или дека ќе ги донесеме кај нас. Можеби ќе отидат во друга компанија. Така што задржувањето на вработените во овој момент е многу важно, иако ова се трошоци за нас како компании – објаснува Виктор Мизо, директор на „Костал“.
Претставниците на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ посочуваат дека економската активност во Македонија во вториот квартал се очекува да падне многу поостро споредено со кој било период од независноста. Досега, најголем годишен пад на БДП од 13,2 отсто е забележан во 1992 година, предизвикан од распаѓањето на заедничкиот југословенски пазар, проследено со макроекономска нестабилност и драстичен пад на куповната моќ на населението. Големиот квартален пад од 12,7 проценти е забележан во третиот квартал од 2001 година, предизвикан од внатрешниот конфликт.
– Овие шокови се од неекономска природа и се проследени со значајни прекини во производството, шок на страната на понудата и пад на потрошувачката, шок на страната на побарувачката. Слични се на сегашната епизода со економска контракција предизвикана од здравствената криза. Но сегашната економска криза е индуцирана контракција, односно е производ на неопходниот одговор на здравствените власти на коронавирусот, и со многу поголем опфат. Укажуваме дека одговор од економските власти е итно неопходен, со оглед дека, освен неговата добра таргетираност, важна е и неговата навременост. Дополнително, клучните предлог-мерки е неопходно да произлезат од економските власти, за да демонстрираат јасна насока, посветеност и координираност на различните економски ресори – велат од „Фајненс тинк“.
Од „Фајненс тинк“ додаваат дека за надминување на состојбата е потребно обезбедување циркуларен тек на средствата во економијата, за компаниите да исплаќаат плати, работниците да располагаат со минимум средства за живот, граѓани да продолжат непречено да добиваат социјална заштита, а буџетот непречено да ги финансира здравствениот и безбедносниот сектор.
Во насока на зачувување на работните места и платите на работниците, кои не се во производствениот процес или кои имаат драстичен пад на приходите, го посочуваат примерот на владите на Велика Британија и на Данска, кои покриваат 80 и 75 отсто од трошокот за платата на работниците, а фирмите остатокот, за што на располагање имаат и бескаматни кредити.
– Особено е важно да не дојде до откажување на договорот за вработување, што е клучно за побрз излез од економската криза и за брзо воспоставување на производството и подигање на побарувачката по завршувањето на кризата. И покрај фокусот врз заштита на работните места, економијата ќе се соочи со отпуштања, затоа е неопходно да се зајакне можноста за стекнување надомест во случај на невработеност. Измена на Законот за осигурување во случај на невработеност, поконкретно суспендирање на став 2, членот 71, со што ќе се овозможи секое лице што ќе изгуби работа поради корона-кризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци.
Обезбедување на неопходната ликвидност на буџетот, бидејќи се очекува дека таа ќе почне прогресивно да се влошува од почетокот на април. Посветеност кон строга буџетска консолидација е неопходна преку итен и јасен ребаланс на буџетот. Паметен, амбициозен и навремен одговор на економските власти може да ги намали штетите врз економијата и домаќинствата. Но ако одговорот е задоцнет, недоволен и преплавен со идеолошки опортунизам, економската штета може да биде значајно поголема – заклучуваат од институтот.