Иако беше најавено дека од оваа година АД „Пошта“ веќе нема да биде единствен давател на универзалната поштенска услуга, со предлог-законот за изменување на Законот за поштенските услуги, кој е во собраниска процедура, повторно се одложува рокот за либерализација на поштенските услуги
Бројот на писма и пратки што се испраќаат преку поштенските оператори во земјава од година на година е во постојано опаѓање, а минатата година, поради пандемијата и рестриктивните мерки, имаше уште поголемо намалување на поштенскиот сообраќај. За падот на бројот на пратките придонесува и незадоволството на клиентите, што го потврдуваат и информациите од Агенцијата за пошти (АП), според која, во 60 отсто од претставките, корисниците не се задоволни од давателот на универзалната услуга, при што тие најчесто приговараат на начинот на доставувањето на пратките, но зачестени се и претставките во кои се бара информација за статусот на пратките што се очекуваат од меѓународниот сообраќај. Сепак, мал број од нив се одлучува да поднесе жалба.
Писмо од Свети Николе до Скопје патувало три месеци
– Очекувавме писмо од Свети Николе, кое ни беше испратено во септември, како што ни кажаа пријателите. Но писмото во Скопје стигна неколку дена пред Нова година и веќе немаше ефект од неговото пристигнување. Иако не стануваше збор за некоја голема штета, сепак, три месеци е премногу да патува едно писмо низ Македонија – вели скопјанецот Давор Трпковски.
Тој посочува дека честопати порачувал и разни пратки преку онлајн продавници од странство и немал проблем со испораките, поради што особено се зачудил зошто на писмото, кое патува на мала релација и нема голема вредност, му требало долг период да пристигне. Трпковски не поднел пријава ниту до операторот ниту до Агенцијата за пошти, но апелира поштенските оператори да ги подобрат своите услуги.
Претставниците на Агенцијата за пошти посочуваат дека имаат мал број поплаки и дека причината ја гледаат во неинформираноста на граѓаните.
– Агенцијата за пошти во своите анализи и статистички извештаи забележува релативно мал број поплаки и приговори. Основан е аргументот дека нивниот број во однос на извршениот обем на поштенски услуги не дава реална слика за предизвиците во поштенскиот сектор. Причините се во недоволната информираност на корисниците на услугите или можеби во ниската свесност за проблемот. Во 2020 година во Агенцијата се примени 35 претставки и три управни приговори. Во 60 отсто од претставките, корисниците не се задоволни од давателот на универзалната услуга. Kорисниците приговараат за начинот на доставување на пратките, но зачестени се и претставките во кои се бара информација за статусот на пратките што се очекуваат од меѓународниот сообраќај. Преостанатите 40 проценти од претставките се однесуваат на работата на другите даватели. Во нив основата за незадоволство е различна, корисниците се жалат за пробивање на рокот за достава на пратки, пријавуваат губење на пратките и невраќање на откупот од пратките со откупнина – вели Билјана Аврамоска Ѓореска, директорка на Агенцијата за пошти.
Пандемијата го отежнала и поштенскиот сообраќај
Аврамоска Ѓореска посочува дека поради ситуацијата со пандемијата беше отежнат и поштенскиот сообраќај, што повлече и доцнење во доставата, но и во испораката на пратките до крајните корисници.
– Сакам да појаснам дека бројот на поднесоци не ја одразува реалната слика, односно истите тие не значат конкретно постоење на правна основа за поднесување претставка или приговор против давателите на поштенски услуги. Напротив, во некои од нив се работи за околности во поштенскиот сообраќај во кои давателите на поштенски услуги воопшто не влијаеле да настапат законскоправните последици поради кои се поднесува претставката – дополнува Аврамоска Ѓореска.
Таа додава дека во Агенцијата се евидентирани неколку случаи во кои корисниците се измамени од страна на нерегистрирани онлајн продавници, поради што АП им укажува на купувачите оти купувањето од непроверени профили на социјалните мрежи претставува голем ризик и дека давателите на поштенски услуги не одговараат за содржината на пратката. Таа дополнува дека давателите на поштенски услуги преземат одговорност само за губење или целосно оштетување на пратката, за делумно оштетување или нејзино ограбување или, пак, за пречекорување на рокот за достава. Затоа Аврамоска Ѓореска препорачува граѓаните пред да направат онлајн пазарење, да ја проверат веродостојноста на онлајн продавницата.
Срамежливо отворање на пазарот
Државниот завод за статистика бележи пад на бројот на писма и пратки што се испраќаат преку поштенските оператори изминативе години. Во 2015 година биле пренесени над 42 милиони писмоносни пратки, додека во 2019 нивниот број се намалил на над 32 милиони. Податоците од ДЗС покажуваат намалување на пратките и во текот на 2020 година.
– Свесни сме и за постојната состојба на давателот на универзалната услуга и неопходноста од мерки што ќе го модернизираат начинот на обезбедување на услугите, особено во брзината и квалитетот, што е можно со оглед на поштенска мрежа и со користење на постојните, сопствени капацитети – дополнува Аврамова Ѓореска.
Иако во Македонија во последниве години пазарот се отвори и има повеќе компании што нудат поштенски услуги, сепак поштенскиот сообраќај не е целосно либерализиран. Изминативе години постојано се укажуваше на потреба од либерализирање на поштенскиот пазар, а истото тоа како забелешка беше посочено и од Европската Унија.
Игри со цените на пратките
Имено, во согласност со законите во Македонија, ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама, какви што најчесто се сметките од јавните претпријатија, е воспоставен во корист на АД „Пошта“, која за истата услуга има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот. Оваа единечна цена за обично писмо на националниот давател на универзална услуга е најниска на домашниот поштенски пазар. Другите лиценцирани даватели на поштенски услуги за истата поштенска услуга не смеат да наплаќаат единечна цена пониска од 62,5 денари, според цените што се во примена од 1.3.2020 година.
Иако беше најавено дека од оваа година АД „Пошта“ веќе нема да биде единствен давател на универзалната поштенска услуга, со предлог-законот за изменување на Законот за поштенските услуги, кој е во собраниска процедура, повторно се одложува рокот за либерализација на поштенските услуги. Во образложението на предлог-законот е посочено дека регулаторот се залага за спроведување на процесот на либерализација на укинување на ценовниот монопол, сепак, целосната либерализација на пазарот на поштенските услуги по шести пат се одложува, овој пат со најава „најдоцна до 2022 година“.