Според најавите на премиерот Заев, ќе се земе просек од три месечни плати и во тој период платата на работникот не треба да му биде намалена, а дополнително ќе се утврди кои месеци ќе бидат референтни, бидејќи некои од компаниите веќе почнале да ги намалуваат платите за да ја искористат мерката. Но како што е практиката во државава сѐ да се вкалапува во биполарна рамка, така и оваа мерка уште на почеток е опсервирана само низ призмата на две бои: црна и бела
Најавената владина мерка за субвенционирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување на работниците, чии газди ќе им ја покачат платата и натаму ја бранува експертската јавност, која и натаму смета дека станува збор за чисто популистичка мерка.
Во предлог-законот, како што е наведено, работодавците што ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари ќе добијат државни субвенции и за тој дел тие нема да плаќаат придонеси, туку само персонален данок.
Според најавите на премиерот Зоран Заев, ќе се земе просек од три месечни плати и во тој период платата на работникот не треба да му биде намалена, а дополнително ќе се утврди кои месеци ќе бидат референтни, бидејќи некои од компаниите веќе почнале да ги намалуваат платите за да ја искористат мерката.
Како што беше појаснето од премиерот и од новата министерка за финансии Нина Ангеловска, субвенционирањето треба да започне од октомври и да се исплаќа во следните три години, за што со ребалансот на буџетот веќе се обезбедени 6,5 милиони евра.
Некои аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека ваква мерка е непозната во економската сфера и ја оценуваат како тенденција на политики за популизам.
– Оваа мерка нема ништо да донесе. Станува збор за чисто популистичка мерка со која се сака да се скрие владиниот економски неуспех. Таа е без преседан и нема никаква законска основа – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Тој додава дека се трошат буџетски пари во област од каде што не може да се очекува поврат, иако новата министерка најави дека ќе се залага за спроведување вистински фискални политики.
Поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, ја оценува како нестандардна најавената владина мерка за субвенционирање на придонесите во компаниите чии сопственици ќе им ја зголемат платата на вработените.
– Оваа мерка не е стандардна. Во пазарните економии и општо економиите во светот, Владите ја избегнуваат од причини што е антипазарна и секогаш е краткорочна, таа не може да се задржи на долг рок. Треба да имаме предвид нешто друго, а тоа е владиното ветување од 2015-2016 година дека платите на крајот на мандатот на оваа влада ќе достигнат до просек од 30.000 денари во Македонија, што е изборно ветување прилично сериозно и тешко остварливо – вели Поповски.
Според него, тешко се наоѓа економска логика во оваа владина мерка.
– Ние ја насочуваме економијата кон пазарно функционирање. Ако на пазарот имате успех, платите ќе ви бидат поголеми, ако на пазарот немате успех во продажба на своите производи и услуги и во дејствувањето, платите не само што ќе бидат ниски, туку може да бидат и намалувачки или и да не ги добивате. Владата е подобро да работи на пазарниот механизам, на неговото функционирање, во кој успешните ќе успеваат, а она што е непродуктивно производство ќе го снемува – порача Поповски.
Но има и економски експерти, кои додаваат дека понудената мерка навистина е иновативна и ветува, но дека не е дооформена и треба да се допрецизира за да биде појасно како би се имплементирала.
Според анализата направена од „Фајнанс тинк“, доколку сите приматели на плата во коверт добијат најмногу 6.000 денари како формална плата на сметка, уделот на приматели до 14.000 денари ќе се намали за една третина. Уделот на приматели на минимална плата – од кои 62 отсто се приматели на плата во коверт, ќе се намали од околу 20 отсто на 8,5 отсто.
За исполнување на ваквата мерка државата годишно ќе треба да издвојува 143.665.152 денари годишно, односно 28 милиони евра.
Од „Фајнанс тинк“ препорачуваат износот на субвенциите постепено да се намалува, на 50 отсто во втората и 25 отсто во третата година од спроведувањето на мерката. Покрај тоа, дополнителна нивна препорака е и платата на работникот да не може да се намалува по истекот на субвенционирањето, како и ограничување на субвенционирањето само за примателите на плати до 24.000 денари, опфаќајќи 87,5 отсто од примателите на плата во коверт.
Во секој случај, тие издвојуваат дека е потребна и поефективна контрола од Државниот инспекторат за труд и одржување на информативно-едукативни кампањи за полезноста од исплатата на формалната плата.
Уште еден аспект е карактеристичен за оваа мерка, за кој економските аналитичари не беа децидни, а имено тоа се ефектите што со оваа мерка би постигнале задржување на работната сила во земјава.
Имено, предлагачите на мерка за субвенционирање придонеси за покачување на платите на вработените сметаат дека тоа ќе овозможи задржување на работната сила во земјава, која сè помасовно се одлева низ европските земји.
Предвидено е мерката да трае три години до октомври 2022 година, а нејзината примена да започне од октомври, поради што во ребалансот на буџетот е предвидена исплата за ноември и за декември.