Продолжуваат ниските проекции за растот на македонската економија од страна на меѓународни и домашни институции. По Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Народна банка на Република Македонија, и Европската комисија излезе со лоши прогнози за растот на македонската економија. Во есенскиот извештај за економиите на земјите членки на ЕУ и на државите-кандидати, тие прогнозираат дека Македонија годинава ќе има раст до 2,1 отсто. Претходните проекции на институциите беа дека земјава ќе оствари раст од околу 3,2 отсто.
ЕК предвидува македонската економија во наредната година да порасне за 2,8 отсто, а во 2020 година за 3,1 отсто.
Во делот за Македонија се наведува и дека економското закрепнување на земјата ќе зависи од политичката состојба и од нивото на инвестиции. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.
ЕК очекува економското закрепнување на Македонија да продолжи во 2019 и 2020 година, но побавно од претходно проектираното. Клучни за развојот на економијата ќе бидат инвестициите и фискалните стимулативни мерки што се очекуваат да бидат применети.
– Се очекува инвестициите да имаат значителен дел во економскиот раст, инвестициската клима да се подобрува, како и да се зголемуваат корпоративното кредитирање и поддршката за компаниите. Владата е решена да се справува со проблемите и да развива подобра бизнис-клима за да го забрза пристапувањето кон ЕУ – се наведува во прогнозата.
Се очекува и натамошно зголемување на извозот, на бројот на работните места и на платите. Во првото полугодие е забележано подобрување на пазарот на трудот и зголемена стапка на вработување. Создавањето нови работни места и натаму ќе биде поддржано од владините економски мерки, но најмногу ќе зависи од странските инвестиции.
Во однос на јавните финансии, ЕК забележува дека има зголемување на некои даноци и очекува буџетскиот дефицит да остане на планираното ниво, а до 2021 година да биде сведено на два отсто.
ЕК предвидува стапката на невработеност во Македонија на крајот на годината да биде 21,3 отсто, в година 20,6, а во 2021 – 20,1 отсто.